Вучиќ: „Не ми паѓа на памет да зборувам против Орбан“


Орбан рече дека дошол во Белград на средба со Вучиќ за заемно охрабрување

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека „не му паѓа на памет“ да каже нешто лошо во врска со Унгарија и нејзиниот премиер Виктор Орбан, само за да добие поддршка од левичарските либерални европски кругови и пофалби во странскиот печат. Вучиќ тоа го кажа по неговата средба со Орбан во Белград, што е прва посета на странски државник на Србија по избивањето на епидемијата. Вучиќ рече дека односите меѓу Србија и Унгарија се најдобри во модерната историја во сите сфери.

„Ги прашувам граѓаните на Србија – добивме ли нешто лошо од Унгарија и Орбан? Дали ги расипавме односите со Унгарците во Србија, дали Орбан ги охрабри да го сторат тоа? Кога беше Унгарија против нас на европски и светски форуми? Кој од нив беше погласен во заштитата на правата на Србите во регионот и во Косово… И сега морам да се појавам како некој од левичарските либерални кругови да се фалат во белите светски весници и телевизија? Не ми паѓа на памет! Јас имам достоинство и гордост“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека, благодарение на Орбан, Србите и Унгарците имаат најблиски односи денес, и дека во ватерполо секогаш ја поддржува Унгарија на меѓународни натпревари, освен кога игра против Србија.

„Виктор беше единствениот што пред неколку дена неколкупати повтори на видео конференцијата дека на Европската унија ѝ треба денес Србија повеќе отколку обратно. Колку други лидери ќе кажат вакво нешто, иако Борисов и Мицотакис и сите нè поддржуваат? И јас сега морам да кажам нешто лошо за овие луѓе? Еве, нема. Победете ме на избори и најдете ги оние кои ќе се додворуваат, јас нема“, рече тој.

Во своето обраќање до медиумите, Вучиќ му се заблагодари на Орбан „зашто имал храброст да влеземе во борба со ветерниците од минатото и да ја градиме иднината, и успеавме во тоа“. Тој исто така рече дека побарал од унгарскиот премиер дополнителна поддршка за Србија на нејзиниот европски пат.

Вучиќ му се заблагодари на Орбан за разбирањето на Унгарија за српските ставови, иако го призна Косово како независно.

Премиерот на Унгарија рече дека неговата земја е посветена на поддршката на европските интеграции на Србија и оти очекува Европската унија да отвори шест поглавја за преговори за кои Србија е веќе подготвена да ги отвори.

Тој очекува двете држави да продолжат меѓусебно да се охрабруваат, не само со зборови, туку и со дела, затоа што кога ќе се победи пандемијата, сега започнува друга битка – подигање на економијата.

Орбан изјави дека Србија го вратила угледот во Европската унија, дека нејзиниот збор повторно имал тежина и дека без неа Балканот не може да биде стабилен.

„Србија е далеку поважна за Европската унија денес отколку обратното. Можеби не е видлива од Балтичкото Море или Атлантскиот Океан, но може да се види многу добро од Будимпешта“, рече Орбан. (Бета)