Вучиќ на средба со Ердоган: Политичките и економските односи на Србија со Турциjа најдобри во историјата


Развојот на политичките, економските, воено-безбедоносните односи и инфраструктурните прашање беа во фокусот на денешните разговори на српскиот претседател Александар Вучиќ со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

-Благодарение на посветеноста на Ердоган и неодамнешните настапи во Србија, воспоставена е доверба меѓу двете држави, така што денес ги градиме можеби најдобрите односи во модерната историја, изјави српскиот претседателот Александар Вучиќ на прес конференцита по средбата.

Србија и Турција потпишаа девет договори, меѓу кои и договорите за воена соработка и за соработка на безбедоносно поле.

Кога станува збор за економската соработка меѓу двете земји, Вучиќ рече дека таа има значителен напредок.

-Последниот пат кога разговаравме, трговијата изнесуваше околу 800 милиони евра и рековме дека целта ни е една милијарда. На крајот на 2018 година таа изнесуваше веќе една милијарда и 200 милиони. Оваа година, за првите осум месеци, е порасната за 13 проценти во споредба со минатата година. Тоа зборува за тоа како драматично се развиваат  односите, истакна Вучиќ.

Ердоган кажа дека пред 90 години кралот Александар имал желба, а денес претседателот на Србија Александар ја има истата желба за соработка меѓу двете држави.

– Имавме плодни разговори и со напорите на Вучиќ, тие беа многу добри. Денеска беа потпишани девет договори и тие укажуваат колку е плодна средбата на Советот за соработка. Ваквата ефикасност ја постигнаа нашите министри и еднаш годишно ќе имаме овакви состаноци во Србија и Турција – рече Ердоган.

Во поглед на утрешниот трилатерален состанок меѓу лидерите на Србија, Турција и БиХ и свеченото започнување со работите на автопатот Белград-Сараево, Ердоган кажа дека тоа е пресвртница за Балканот, за да се произведе „мост на мирот, мир, благостојба и се она што ќе има позитивно влијание на Балканот.“

На оваа констатација, Вучиќ исто така изрази задоволство од трилатералната средба, додавајќи дека постојат одредени предлози, идната година да се организира квадритерала и на овие три земји да им се приклучи и Русија.“

На прашањето за Ердоган зошто Турција ја призна независноста на Косово, Вучиќ одговори:

– Турција постапи согласно своите интереси и не можеме ние сега овде да им делиме лекции. Нашите интереси за ова прашање не се исти, но му благодарам на Ердоган што прифати за Турција да е прифатливо решението што ние и Приштина ќе го пронајдеме, рече Вучиќ.

Ердоган на ова се надоврза велејќи: „мојот пријател даде многу соодветен одговор“.

Утре во Белград, Вучиќ, Ердоган и членовите на претседателството на БиХ ќе одржат трилатерален самит, по што во Сремска Рача официјално ќе го обележат започнувањето на работите на автопатот Белград – Сараево.

Овој автопат е важен за поврзувањето на целиот регион, а ќе се гради во две насоки: Бијелина – Сремска Рача (граница со БиХ) – Кузмин и Пожега – Котроман (граница со БиХ).

Вредноста на комерцијалниот договор е 250 милиони евра и вклучува подготовка на документација и изведување на работи на делницата Сремска Рача – Кузмин – вкупно 225 милиони евра – и подготовка на проектната и техничка документација за делот Пожега-Котроман – 25 милиони евра.

Проектот ќе се финансира со заем од турската Ексим банка и буџетот на Република Србија.

Автопатот Белград-Сараево, делницата Бјелина-Сремска-Рача-Кузмин-врска со автопатот Е-70, Белград – Загреб- има должина од околу 18 километри.