Вучиќ: На протестите немаше инцидент, туку штитење на законот


Во серија реакции по синоќешните протести на граѓаните „1 од 5 милиони“ и инцидентот со туркањето и тепањето пред Претседателството, со вонредно обраќање пред јавноста се обрати и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според Вучиќ синоќа немало инцидент со демонстрантите, туку обезбедувањето, поради тоа што имало повик за насилство, реагирало во рамки на законот и ги штитело законите и институциите.

За да нема повеќе тензии, српскиот претседател го даде следниот предлог-

-Пред Претседателството нема повеќе да има припадници на војската, туку ќе го обезбедуваат жени, кои само ќе ги предупредуваат демонстрантите и ќе ги тргнеме сите огради, само со насилство да не влегуваат и да не ги уриваат институциите, кажа Вучиќ замолувајќи ги „девојките и жените“ да не ги тепаат демонстрантите.

– Да се тргнеме и да ги пуштиме да праваат се што ќе посакаат-реторички порача Вучиќ, додавајќи воедно да се погледне какво се ѓубре имаат оставено пред Претседателството (демонстрантите синоќа фрлаа тоалетна хартија), кои според него биле околу 200 лица.

-Па тие и немаат што друго да направат, освен некоја провокација, инцидент и тензии…Да бев тука ќе им кажев на Кобрите (специјални сили на српската војска) да ги пуштат да влезат и да дивеат, кажа Вучиќ.

За изборните услови на опозицијата, Вучиќ кажа дека опозицијата на тркалезните маси од дијалогот досега нема дојдено со конкретни предлози, туку само најавуваат бојкот.

-Се што сакате ќе ви усвоиме, изборни спиоци, финасирањето…..се…не мора да е компромис, се што ќе посакате, ние ќе го прифатиме, јас немам проблем со тоа, кажа Вучиќ.

Тој на прес конференцијата правејќи паралела, ја обвини сегашната опозиција, дека кога биле на власт, го убиле демонстрантот Ранко Паниќ во 2008 година за време на протестите на радикалите на Шешељ.