Вучиќ на митинг во Нови Сад: Насилството и фашизмот нема да поминат


Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва во Нови Сад го одржа најавениот голем митинг, во рамките на неговата кампања „Иднината на Србија“. На митингот, покрај Вучиќ говореа за првпат и лидерот на СПС и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, како и од покраинското раководството на Војводина, Иштван Пастор и Милош Вучелиќ.

Српкиот претседател голем дел од говорот го посвети на економскиот просперитет на Србија и за две големи инвестиции од 50 милиони евра, меѓу кои е и „еден од најголемите производители на чоколади во светот“.

Говорејќи за политичките противници, тој рече дека го мразат и сакаат преку „насилство да дојдат на власт” и „да го воведат принципот дека не е важно како се гласа, туку колку бучава е направена”.

Тој рече дека не мисли оти некој треба да биде уапсен.

-Ние треба да им објасниме како и тие да влезат во возот на модернизација на Србија, потенцира Вучиќ.

Тој рече дека е засрамен како тие „луѓе корнат огради и сообраќајни знаци” и оти овој „прекрасен собир е потврда дека насилството и фашизмот нема да поминат”.

Вучиќ порача дека нема да разговара со „фашистичкиот лидер Обрадовиќ и крадците Јеремиќ и Ѓилас”.

-Но, обврската на сите други во српскиот Парламент е да разговараат со оние кои се пратеници и важно е да разговараме, важно е да постои таков дијалог, но тоа мора да биде дијалог, а не насилство, разговор, а не уцена, истакна Вучиќ.

Српскиот претседател испрати и порака до меѓународната заедница да не продолжува да врши притисок врз Србија и оти нема да се откаже од ставот оти прво да се укинат таксите за да може да продолжи дијалогот со Приштина.

На митингот говореше и Ивица Дачиќ, кој рече дека Србија и, пред сè, српскиот претседател Александар Вучиќ подлежат на голем притисок да се откажат од националните и државните интереси, за „да го признаат независно Косово и да воведат санкции за пријателските земји”.

-Одговорот на Вучиќ и мојот е дека ова никогаш нема да се случи, рече Дачиќ.

Според провладините медиуми, на митингот во Нови Сад имало околу 40.000 граѓани.