Вучиќ-Лајчак: Обид за „заживување“ на дијалогот и подготовки за нова рунда во Брисел
Белград – Претседателот на Србија Александар Вучиќ во Белград се сретна со специјалниот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. Оваа средба доаѓа откако од Брисел беше најавено дека во септември може да се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина, јави дописникот на МИА од Белград.
-Разговарав повеќе од два часа со Мирослав Лајчак. Многу сум загрижен за развојот на настаните на Косово и Метохија и планот на (косовскиот премиер Албин) Курти за насилно окупирање на северот на покраината и протерување на Србите од нивните вековни огништа. Ова го пренесов до специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, соопшти Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.
Инаку, на маргините на Стратешкиот форум во Блед, Лајчак веќе разговараше со косовскиот премиер Албин Курти.
-Имав важна средба со премиерот Курти во Блед. Наша примарна тема беше подготовката на следниот состанок за дијалог на високо ниво во септември, со фокус на нормализацијата на односите и спроведувањето на планот на ЕУ од 3 јуни, напиша Лајчак на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер).
Претседателот Вучиќ синоќа изјави дека косовскиот премиер Албин Курти намерно ја одложува средбата со него во Брисел за, како што рече, да ја заврши својата валкана работа на Косово.
-Ми понудија датум за да одам во Брисел, но не. Курти има попаметни работи да прави, затоа што купува време да ги спроведе своите закани на дело, сигурен сум во тоа. За неколку месеци некој ќе се обиде да разговара, а во меѓувреме колку Срби се уапсени, ранети, повредени, колку лекови останале во српските болници и какви нови мерки се донесени, од законот за експропријација и спроведувањето на експропријацијата до тоа што неговите рокови за Србите да мораат да ги напуштат просториите истекува, па тој да ги земе и слично, рече Вучиќ вчера.
Притисокот од ЕУ се засилува како што е пораката на францускиот претседател Емануел Макрон кој изјави дека се очекува Белград и Приштина да се ангажираат во спроведувањето на француско-германскиот предлог.
-Со Германија напишавме нов патоказ кога станува збор за разликите меѓу Србија и Косово. Верувам дека ова е добар патоказ кој беше поддржан од европските преговарачи и нашиот претставник, така што очекуваме јасна посветеност од двете страни, рече Макрон на прес-конференција.
Тој додаде дека се очекува „јасен ангажман“ на двете страни во врска со изборите во општините на северот на Косово, како и обновено учество на Србите во институциите. Очекуваме да се врати мирот во овој регион, рече Макрон.
Тој посочи дека Франција и Германија имаат преземено одредени обврски кога станува збор за визната политика и други економски прашања, кои, како што рече, ќе бидат разгледани доколку страните не се однесуваат одговорно.