Вучиќ и Курти се во Охрид, прво ќе имаат одвоени средби со Борел


Фото: Б. Грданоски

 

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти утрово пристигнаа во комплексот „Билјана“ во Охрид, каде денеска треба да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина посветен на нормализација на односите, што се одржува по покровителство на ЕУ, а чиј домаќин е премиерот Димитар Ковачевски.

Денешните разговори, на кои ќе присуствуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, се продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете. Официјален Брисел очекува на средбата да се усогласат ставовите за имплементацискиот анекс на договорот, што се смета за составен дел на документот.

Според најавената агенда на разговорите во Охрид, прво се предвидени одвоени средби на  Борел и Лајчак со двете делегации, а потоа е предвидена и заедничка средба. По завршувањето на средбите во вилите „Билјана“ и „Охрид“, најавено е обраќање на Борел пред медиумите.

Средби со Борел и со Лајчак ќе има и премиерот Ковачески, а најавени се и тет-а-тет средби со Вучиќ и Курти,

Инаку, за средбата има голем интерес кај медиумите од регионот и од целиот свет, со акредитирани 230 новинари и сниматели од бројни медиумски куќи.

За време на одржувањето на состанокот на подрачјето на Охрид на сила ќе бидат соодветни безбедносни мерки.