Вучиќ досега осум пати најави дека си оди од челото на СНС. Дали сега навистина ќе си замине?

За сите досегашни најави имаше објаснување - што поради короната, што поради ситуацијата во Србија. Дали сега работите се поинакви?


 

Претседателот на Српската напредна странка Александар Вучиќ свика вонредна седница на партиското собрание за 27 мај, а претходно најави дека повеќе нема да биде лидер на Српската напредна странка, туку ќе остане член. Ова не е прв пат Вучиќ да најавува оставка од раководството на партијата и дали навистина сега ќе си замине од таа функција и која е смислата на бројните најави дека раководството на владејачката партија ќе го отстапи на некој друг?

Ако се суди по претходните, бројни најави по кои тој не се повлече од функцијата претседател на СНС, а потоа и бројните барања на членството да остане на таа функција, и овојпат може лесно да се погоди што ќе се случи. Иако, последната објава звучеше посериозно од која било досега.

Имено, Вучиќ најави скоро формирање на Народно движење за државата, на 28 јуни, на кое треба да биде на чело. Пред тоа, како што рече, на Собранието на СНС, на 27 мај, ќе се повлече од лидерската позиција во партијата. Тој посочи дека не знае кој ќе биде негов наследник, бидејќи има три-четири имиња кои сѐ уште се непознати за јавноста.

„Тоа движењешто тој ќе го формира веројатно ќе биде само замена за неговата позиција како претседател на партијата. Затоа, и да си замине од челото на СНС, тој сепак ќе се прашува, бидејќи во движењето ќе се приклучат СНС или луѓето од СНС, за кои смета дека треба да бидат дел од тоа движење, а потоа ќе се носат одлуки во рамките на движење кое ќе го почитува и следи Српската напредна странка, а во тоа движење ќе одлучува Александар Вучиќ. Така само ќе си го исполни ветувањето, нема формално да биде претседател на партијата ‘Јас ја напуштив СНС, сега сум претседател на сите граѓани’, а од друга страна ќе ги задржи сите лостови на власта, вклучувајќи ја и најважната функција – да одлучува во СНС“, оценува новинарот на „Нова“ Воислав Милованчевиќ.

Да се потсетиме колку пати Вучиќ најави повлекување од функцијата претседател на СНС, која ја извршува 11 години. Ваквите најави траат од моментот кога тој стана претседател на Србија пред шест години. Во јули 2017 година најави дека на почетокот на 2019 година ќе ја напушти највисоката партиска функција.

„Во 2018 година се навршуваат десет години на СНС, мислам дека партискиот конгрес е закажан за јануари 2019 година, почетокот на 2019 година, кога планирам да изберам наследник… Да предложам наследник, а верувам дека мнозинството во партијата што ја водам ќе го избере него“, рече претседателот Вучиќ на 10 септември 2017 година.

А во февруари 2018 година, Вучиќ изјави дека ќе биде претседател на СНС „најмногу уште една година“.

„Ќе бидам претседател на Српската напредна странка уште извесно време. Верувам дека најмногу уште една година, до следниот конгрес или собрание на Српската напредна странка“, рече Вучиќ.

Во октомври 2019 година, кога требаше да се повлече од раководството на партијата, рече дека „наскоро ќе следи промена“.

„На секој ќе му се израдувате и ќе му се радувате повеќе отколку на мене. Не грижете се, наскоро ќе биде така“, вети тогаш.

Во 2020 година, еден месец пред јунските избори, следуваше уште едно ветување за повлекување од партиската функција.

„Ќе го завршиме тоа оваа година. Корона вирусот и изборите ни поместија сѐ, но дефинитивно ќе го завршиме годинава“, рече лидерот на СНС.

Сепак, тој остана претседател на СНС. Главниот одборт на СНС кон крајот на 2021 година предложи на партискиот конгрес „да не се избира претседател на партијата, туку тоа да се направи напролет, по изборот за претседател на Србија“. Поминаа претседателските и парламентарните избори, а веднаш по нив Вучиќ повторно најави оставка од партиската функција. Овој пат во 2022 година.

„Тоа сега зависи од некои други прашања, само во кој месец ќе биде. Но, тоа секако следи. Оваа година. Тоа веќе го кажав неколку пати“, рече тој.

На крајот на таа 2022 година Вучиќ изјави дека тогаш, поради севкупната ситуација во Србија, не е закажано изборното собрание на партијата и дека по тој процес ќе ја напушти лидерската позиција.

„Во Белград веќе се избрани 15 општински комитети од 17, не знам колку во Србија, но кога ќе заврши тој процес, ќе одиме на собрание и повеќе нема да бидам претседател на СНС“. повтори тој.

А на самиот почеток на 2023 година продолжи да најавува заминување од највисоката партиска функција.

„Чекам да закажат конгрес. Бидејќи се завршени изборите во најголемиот број општински одбори на СНС, сега очекувам да се закаже конгресот, да се исполни тоа“, најави Вучиќ.

Имаше најмалку осум најави за оставка на Вучиќ во СНС, откако тој стана претседател на државата. Иако Законот за претседател не му забранува на претседателот на државата да биде претседател на партијата, Уставот јасно ги наведува овластувањата на претседателот и сето тоа доведува до заклучок дека двете функции се неспоиви.

Уставот вели дека претседателот на Републиката не може да врши никаква друга јавна функција или професионална дејност, но и дека изразува национално единство. Односно, претседателот на Републиката треба да биде претседател на сите граѓани.

Томислав Николиќ е единствениот државен претседател кој поднесе оставка од функцијата претседател на партијата кога шеф на државата Србија. Но, поради тоа, како што се испостави, тој ја загуби поткрепата во партијата, а по завршувањето на мандатот како претседател речиси исчезна од политичката јавност. (Н1)