Вучиќ: Доколку постигнеме компромис со Албанците, ќе имаме референдум

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Собранието поднесе извештај за Косово, во кој изјави дека доколку не се постигне компромисно решение „ќе има напади на Албанците”, но и дека доколку се постигне компоромис, за што е скептичен, „тогаш граѓаните за него ќе одлучуваат на референдум“.

На собраниската седница, покрај српската премиерка Ана Брнабиќ и министрите, присуствуваа и 156 пратеници од владејачката коалиција и радикалите со Воислав Шешељ, а најголемиот дел од опозицијата ја бојкотираа седницата.

– Многу борба е пред нас, порача Вучиќ во говорот во Парламентот, кој траеше два ипол часа. Тој оцени дека има две можности во однос на Косово – нормализација на односите меѓу Србите и Албанците и замрзнат конфликт, за кој рече дека „не значи ништо и дека Албанците можат да го одмрзнат во секој момент и да ги нападнат Србите“.

Вучиќ рече дека ќе стори сé што е можно ако Приштина ги укине таксите за увоз на стоки од Србија, за да дојде до некој вид компромис.

Тој рече дека Србија нема власт во Косово и дека е неопходно да се спречи заблудата во јавноста, додавајќи дека за тоа зборува седум години откако е на власт, како што говорел и дека е потребен мир и стабилна економија и договор со Албанците.

– Веќе седум години се расправаме, преговараме… и можам мирно да ви кажам – ние не изгубивме ништо што веќе не е изгубено, ниту пак сме тргувале со нешто што некој одамна го нема продадено и ние не дадовме нешто што некој веќе го нема дадено, туку почнавме да ја враќаме Србија во играта и да го има она што може да го има, рече Вучиќ.

Тој истакна дека Приштина не сака да продолжи со дијалогот, а „дали ќе посака е многу повеќе прашање за нивните западни ментори“, како и дека Србија е подготвена за дијалог штом ќе се укинат таксите.

Вучиќ кажа и дека не е среќен што за Косово мора да разговара со косовскиот претседател Хашим Тачи, но дека тој смета „дека на Тачи му е полошо што мора да разговара со него“.

Поголемиот дел од опозицијата која го бојкотира Собранието укажа дека седницата за Косово е „фарса” на актуелната власт“ и „фингирање на дијалогот”. Од опозицијата порачаа и дека граѓаните нема да слушнат ништо ново од претседателот на Србија, ниту, пак, ќе биде изнесен предлог за решавање на косовското прашање.

Пред почеток на седницата, се случи и инцидент кога возило со претседателот на Српската радикална странка (СРС), Воислав Шешељ, ги „истурка“ пратениците на Двери кои дојдоа пред Парламентот да го „дочекаат“ претседателот Вучиќ, а возачот на Шешељ со безбол палка го удри членот на претседателството на Двери, Југослав Кипријановиќ.