Вучиќ барал од сменетата Михајловиќ ни случајно да не ја напушта СНС
Откако беше објавено дека Зорана Михајловиќ повеќе нема да биде дел од владата на Србија, почнаа шпекулациите за нејзината политичка иднина. Дали ќе остане во Српската напредна партија (СНС) и ќе учествува во партиски активности е прашање на кое јавноста сѐ уште не добила одговор, а не добиле ниту нејзините сопартијци кои подвлекуваат дека очекуваат поранешните министри да останат „дел од обединетата политика“.
Прв на оваа тема зборуваше претседателот на СНС, Александар Вучиќ. Откако ги соопшти имињата на министрите, тој им се заблагодари на оние кои нема да бидат дел од Владата на Србија, но, случајно или не, заборави да ја спомене Зорана Михајловиќ.
Тој ги спомна Бранислав Недимовиќ, Златибор Лончар, Небојша Стефановиќ и Јадранка Јоксимовиќ, велејќи дека нема да бидат во владата на Србија, туку дека ги чека поинаков ангажман.
Весникот „Данас“ по седницата на Претседателството на СНС објави дека Вучиќ на средба со Зорана Михајловиќ ѝ рекол на поранешната министерка да не ја напушта СНС и дека повторно ќе разговараат во следните седум дена.
На оваа тема подоцна зборуваше и Милош Вучевиќ, идниот министер за одбрана и висок функционер на СНС.
На прашањето што ќе биде со луѓето кои досега беа министри, Вучевиќ одговори дека со некои веќе е договорено повеќе да се фокусираат на партиската работа.
„Со некои е разговарано и ќе се разговара. Сѐ уште не е избрана нова влада, но СНС не се откажува од никого. Се очекува сите оние луѓе кои повеќе пати ја имаа довербата на претседателот и партијата и беа дел од извршната власт, да останат дел од оваа единствена политичка приказна. Од нив се очекува да им помогнат на некои нови луѓе како што другите луѓе им помагале во минатото. Мислам дека ова е нешто што се подразбира во големо семејство“, рече тој.
Српската премиерка Ана Брнабиќ проговори и за евентуалното заминување на нејзината сопартијка, со која во минатото немаше добри односи.
На прашањето дали очекува луѓето кои не се реизбрани да ја напуштат партијата, Брнабиќ рече дека не знае и додаде дека секој треба сам да одлучи.
„Јас сум горд член на СНС и денеска се чувствував горда бидејќи видов партија каде некои поранешни министри излегоа и се заблагодарија и ќе продолжат да се занимаваат со партиски живот, што е многу ретко“, изјави Брнабиќ.