Вучиќ: Ако се забранува извоз на одредени производи, тоа нема да важи за земјите од Отворен Балкан


Од Самитот на Отвроен Балкан - Фото: Б. Грданоски

Од успехот на овој проект зависи колку ќе успееме да ја осигураме економската иднина на нашите земји, но и да го сочуваме мирот, порача претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој денеска претседава со Самитот „Отворен Балкан“, на кој учествуваат и македонскиот и албанскиот премиер.

„Сигурен сум дека органите на нашите три држави ќе продолжат да работат на модернизирање на инфраструктурата, како што тоа го прави Србија на Прешево, со што значително ќе го забрзаме прометот на границите“, рече Вучиќ

Тој нагласи дека со посебни спогодби, во случај да дојде до забрана на извоз на одредени производи тоа нема да се однесува на другите членки на Отворен Балкан.

Вучиќ се заблагодари и на гостите од регионот, на министерот за надврешни работи на Унгарија Петер Сијарто и на неговиот турски колега, Мевлут Чавушоглу кои сакаат да градат пријателство со нашите три земји.

Според него, никогаш не се обрнувало повеќе внимание ни енергија на успехот на овој проект Отворен Балкан.

„Се надеваме дека иницијативата Отворен Балкан и понатаму ќе придонесува за економско поврзување, но и ќе пружи можност во регионот да говориме со еден глас кога се работи за клучните прашања во нашите земји. Досегашниот прогрес не е мал, но ми се чини дека секогаш можеме подобро, побрзо и посилно“, порача Вучиќ.

Документите кои денеска ќе бидат потпишани се резултат на досегашната соработка, а Вучиќ рече дека воспоставувањето на зелениот коридор доведе до зголемување на трговската размена од 17 отсто.

Вучиќ се осврна и на односите со Македонија порачувајќи дека „и кога имавме одредени проблеми, бевме секогаш блиски, а денес сме најблиски и повеќе немаме ниту едно отворено прашање“. 

„Горд сум што можам да кажам дека имаме најдобри односи во историјата и верувам дека ќе бидеме умни така и да ги одржиме со децении“, изјави српскиот претседател.

Премиерот на Црна Гора во заминување, Дритан Абазовиќ, порача дека на иницијативата Отворен Балкан ѝ е потребна прогресивна политика. Како што нагласи тој, сме пробале војни, кризи, катастрофи, борби, но не и соработка, додавајќи дека е дојдено крајно време да се избере мирот и напредокот.
 
„Дојде време да се разбере дека поголема флексибилност на границите значи обединување и разбирање на сè што треба да биде проток на европскиот дух. Со оглед на кризата зимава, која може да трае до пролет, мора да ги држиме каналите отворени. На граѓаните им е преку глава од обвинувања, треба да им понудиме нешто друго, поголема соработка. Во глобалните општества, никој не може да направи ништо сам. Треба да ја подобриме соработката. Вчера учествувавме на саемот за вино, зошто да не го направиме тоа и во другите сектори? Ајде да има и други учесници, дали некој гледа нешто лошо овде? Можеме да ја зголемиме довербата и да понудиме нова визија. Оние околу оваа маса се добредојдени. Очекувам Црна Гора да се приклучи што е можно поскоро. Ако некој оди во Црна Гора, треба да има само еден знак на кој пишува „Добредојдовте во Црна Гора“. Сакам да им честитам на претседателот Вучиќ и Курти за договорот во изминатите денови. Да ја испратиме војската на граница? Дали е ова иднината на овој регион? Овој регион ја испраќа пораката дека можеме да седнеме на маса. Не треба да влегуваме во рововите на национализмот, тоа е погрешна политика. Треба да создадеме нова вредност во политиката – соработка и економски развој. Тоа не е поврзано со забавувањето кон европскиот пат“, рече Абазовиќ.