Вучиќ: Ако на изборите победи опозицијата, ќе распишам претседателски избори


Александар Вучиќ (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека бил сериозен кога изјави дека е бесмислено тој да биде претседател на Србија, а владата да ја сочинуваат луѓе од опозицијата и најави дека доколку победи опозицијата на изборите ќе го признае резултатот и ќе распише претседателски избори, јави дописникот на МИА од Белград.

-Доколку опозицијата победи на изборите во Србија и Белград, ќе честитаме истата вечер и истата вечер ќе го најавам моментот, во јануари, февруари или март, кога ќе поднесам оставка за да имаме доволно време да имаме претседателски избори во мај или септември или кога и да сака опозицијата, изјави претседателот на Србија и член на СНС, Александар Вучиќ на ТВ Пинк.

Јас ќе ги сносам последиците од поразот на изборната листа „Србија не смее да запре“ на СНС, кажа тој и додаде дека е бесмислено да биде претседател кој ќе глуми, не знаејќи што да глуми, ако таа влада е составена од Ѓилас, Лазовиќ, Тепиќ, Милош Јовановиќ, Бошко Обрадовиќ и така натаму. Што тогаш очекувате од мене, изјави Вучиќ.

Како што рече, тогаш би било јасно дека тие (опозицијата) ја добиле довербата од народот, дека народот ги сакал нив и дека тој нема да има проблем со тоа.

-Би се извинил на народот и би рекол, очигледно е дека не сте задоволни од резултатите што ги направивме, и тоа е фер. Велат дека сакаат техничка влада, но нема да се занимаваат со сериозни прашања. Па еве, повелете, ќе имате нови претседателски избори, рече Вучиќ.

Како што оцени неговите зборови им пречеле на многумина бидејќи дел од луѓето во Србија знаеле дека тој е целосно сериозен и дека ќе го направи тоа.