Второто полугодие 11 училишта го почнаа со онлајн настава


Седум средни и четири основни училишта во земјава денеска го почнаа второто полугодие со онлајн настава, затоа што објектите се реновираат.

Дел од учениците од ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во скопската општина Ѓорче Петров учебната година ја продолжија со онлајн настава. Како што информираше градоначалникот Александар Стојкоски во моментот се врши реконструкција на подовите во ходниците на долниот кат, а следните чекори се целосно реновирање на тоалетите и изградба на тоалет за деца со посебни потреби и поставување на нова енергетски ефикасна фасада.

Дел од учениците од ова училиште настава ќе посетуваат онлајн.

„Поради овие зафати, наставата почнува утре со физичко присуство за децата од прво до трето одделение, додека децата од четврто до деветто одделение во ова училиште ќе имаат он лајн настава со донесена одлука од училишниот одбор, а во согласност со општина Ѓорче Петров. Оваа одлука е со времетраење од 30 дена и за неа е информирано и ресорното министерство“, појасни Стојкоски.

Слична е состојбата во две битолски средни училишта каде второто полугодие почна со онлајн настава, додека останатите средни и основни училишта наставниот процес го продолжуваат со физичко присуство.

Наставата од дома ќе ја реализираат учениците и наставниците од гимназијата „Јосип Броз Тито“, каде во завршна фаза е голем реконструктивен зафат на зградата, како и во средното економско училиште „Јане Сандански“ каде се врши обнова на фасадата и дограмата.

И прилепскoто средно училиште „Ѓорче Петров“ второто полугодие го почнува со онлајн настава поради изведување градежни работи, кои почнаа на 16 јануари. Со изведбата на проектот за реконструкција на фасада, дренажа, подови, осветлување, бојосување, промена на азбестните плочи на дел од покривот во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, со средства на Министерството за образование и наука, почна неговата реконструкција.

Реконструкција на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп

„Од 1.02.2022 година започнува второто полугодие. Поради изведување на градежни активности во нашето училиште, наставата ќе се изведува од далечина – онлајн. Од сите ученици се очекува беспрекорна присутност и следење на наставата преку Teams. Среќен почеток на второто полугодие“, порачуваат од училиштето на нивниот Фејсбук профил.

Пореади изработка на нова фасада и модернизирање на кабинетите и основното училиште „Блаже Конески“ учебната година ја почна со онлајн настава.

ОУ „Блаже Конески“ – Прилеп

Сите училишта, каде се одвиваат градежни работи низ земјава го информирале Министерството за обазвоание и наука дека учебната година ќе ја почнат со онлајн настава за дел или за сите ученици, а таа ќе продолжи со физичко присуство штом завршат работите.

Согласно препораките на Комисијата за заразни болести, а земајќи ги и предвид препораките на УНИЦЕФ како најголема светска организација која работи на заштита и унапредување на правата на децата, Владата и МОН донесоа одлука второто полугодие да започне со одложен старт од две недели и со физичко присуство на сите ученици според утврдените и донесени протоколи.

„Додека 11 училишта (7 средни и 4 основни) организираат онлајн настава за учениците, поради тоа што во моментов во тек се активности за реконструкција на разни позиции што оневозможува непречена реализација на воспитно-образовниот процес внатре во рамки на тие објекти. За ова, секое училиште до МОН има доставено и известување, односно одлука донесена во соработка со Совет на родители, Училишен одбор и општина. Наставата со физичко присуство ќе продолжи во секое училиште веднаш по завршувањето на градежните активности. Во меѓувреме, директорите имаат одговорност за квалитетно организирање на работата и на воспитно образовниот процес“, велат од МОН за „Независен весник“.

Од друга страна пак, основното училиште „Димитар Македонски“ во скопската населба Лисиче, каде учениците не можеа да одат во училиштето со физичко присуство заради долготрајните градежни процеси за реконструкција, денеска конечно седнаа во училишните клупи во реновираното училиште.

ООУ „Димитар Македонски“ – Скопје

На првиот ден од второто полугодие на школската година училиштето „Димитар Македонски“ во Лисиче го посети градоначалникот Тимчо Муцунски.

„Овде конечно заврши долгогодишниот проблем со лошите услови и нашата општина доби училиште по сите европски стандарди. Од денеска учениците ќе можат да бидат во една топла атмосфера тука да ги поминуваат своите училишни денови“, порача Муцински.