Второ полуфинале на Евросонг: Тамара со „Proud “ќе пее за финале


Поп-ѕвездата Тамара Тодевска вечерва со песната со „Proud“ настапува претпоследна, од 18 учесници, на второто полуфинале на Евросонг кој во неделата беше свечено отворен во Тел Авив. Вечерва за влез во финалето се борат и претставниците на Ерменија, Ирска, Молдавија, Швајцарија, Латвија, Романија, Данска, Шведска, Австрија, Хрватска, Малта, Литванија, Русија, Албанија, Норвешка, Холандија и Азербејџан.

Сите 18 земји учеснички, заедно со Германија, Италија и Велика Британија, ќе можат да гласаат во ова полуфинале.

Во финалето, в сабота, 26 земји ќе настапат, а ќе можат да гласаат сите 41.

Покрај пласираните од полуфиналињата, ќе пеат и претставниците на големата четворка плус земјата домаќин: Италија, Франција, Германија, Шпанија, Англија и Израел.

Познати се првите 10 финалисти од првата полуфинална вечер, која се одржа завчеравечер на Евросонг. Од 17 земји кои настапија, во финалето се пласираа изведувачите од Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија.

Мотото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.

Aвтори на евровизиската песна „Proud“ на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на писателот Коста Петров, кои се дел од евровизискиот тим во Израел.

Ова ќе биде четврто учество за Тамара на овој престижен фестивал, но прво како солист.

На Евровизија таа првпат беше како придружен вокал на Тоше Проески, во 2004 година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и со Врчак во Белград 2008 година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“, но не се пласира во финалето. Како придружен вокал на Тијана, таа беше и на евровизискиот натпревар во 2014 година во Копенхаген.

Последниот македонски претставник што избори пласман на евровизиско финале беше Калиопи во 2012 година.

Тамара ќе се обиде да освои гласови и со својот изглед и моќната сценографија и кореографија, подготвени со тим од Шведска.

Ќе носи смарагдно зелена драматична тоалета од свилен сатен и тул, која ја дизајнираше Александар Ношпал. Сцената во заднина ја красат осум огледала како холограм. (Л.С.)