Второ полуфинале на Евросонг: Србија и Албанија ќе пеат за финале


Претставничките на Србија

Србија и Албанија како претставници од регионот настапуваат вечерва (21 ч.) , од 17 учесници, на второто полуфинале на Евросонг кој во неделата беше свечено отворен во Ротердам. Вечерва за влез во финалето се борат и претставниците на Сан Марино, Естонија, Чешка, Грчка, Австрија, Полска, Молдавија, Исланд,  Грузија, Португалија, Бугарија, Финска, Латвија, Швајцарија и Данска,  плус Франција, Шпанија и Велика Британија ќе гласаат во ова полуфинале.

Во финалето, в сабота, 26 земји ќе настапат, а ќе можат да гласаат сите 39.

Претставничката на Албанија

Покрај пласираните од полуфиналињата, ќе пеат и претставниците на големата четворка плус земјата домаќин: Италија, Франција, Германија, Шпанија, Англија и Холандија.

Познати се првите 10 финалисти од првата полуфинална вечер, која се одржа завчеравечер на Евросонг. Од 16 земји кои настапија, во финалето се пласираа изведувачите од Норвешка, Израел, Русија, Азербејџан, Малта, Литванија, Кипар, Шведска, Белгија и Украина. Македонија, Хрватска и Словенија не успеаја да обезбедат влез во финалето. Мотото на годинашниот евровизиски избор е „Open Up“.

Холандија која по петти пат е домаќин на Евровизија по 1958, 1970, 1976 и 1980 година завчера, на првото полуфинале приреди незаборавно и спектакуларно шоу што го следеше милионски аудиториум ширум светот, а во арената Ахој која собира 16 илјадна публика, имаше само 3500 публика со негативен Ковид тест.

МРТ ќе врши директен пренос од второто полуфинале на Евросонг од 21 часот .

Претставниците на Италија

Според сегашните податоци на обложувалниците, најголем фаворит за победа е Италија и нејзиниот претставник – групата „Манескин“ со песната „Ziti e buoni“. Првите три фаворити се Италија со 22 отсто, Франција со 20 и Малта со 12 отсто.

До неодамна, Малта беше најголем фаворит за победа, но состојбата се смени по првата проба, кога нивниот претставник доби лоши критики за костумите и перформансите.

На четвртото место е Исланд, а следуваат Кипар, Бугарија, Швајцарија, Украина, Литванија, Грција, Русија, Шведска, Финска, Сан Марино и Норвешка.

Фото: ЕБУ