Второ издание на фестивалот за култура „Коронијалс“


Во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, од денска до 28 февруари по втор пат ќе се одржи фестивалот за култура „Коронијалс“.

– Коронијалс претставува поле на кое се вкрстуваат многу нишки на времија и безвремија, младости и возрасти, интереси и откровенија со цел да се создаде силна нишка на која ќе се подигне новото време на македонската културно – уметничка сцена, објаснуваат организаторите на фестивалот.

„Коронијалс“ ќе биде отворен со ликовна изложба, а во наредните денови публиката ќе може да проследи и ноќ на класична музика и опера од учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, книжевна емисија на Светла Јакшиќ и Пепи Стамков со гостинот Стефан Марковски, монодрамата „Ѕвездан“ на Емануела, краткиот филм „Пикавец“ на Георге Нешковиќ, подкаст воден од Светла Јакшиќ и Јана Ангелковска и игранка со експериментален музички состав од Кавадарци.

Фестивалот ќе биде заокружен во недела, со „Ноќ на прозата и поезијата“, на која ќе се претстават: Ненад Јолдески, Владимир Мартиновски, Лиле Стефановска, Исток Улчар, Горазд Кени, Софија Тодороска, Светла Јакшиќ, Пепи Стамков и Емануела.

Влезот е бесплатен, а настанот ќе се одвива согласно со сите пропишани мерки за справување со пандемијата.