Вториот круг на општинските избори во Франција на 28 јуни

Францускиот премиер Едуар Филип и министерот за внатрешни работи Кристоф Касатенр, на заедничка прес-конференција, соопштија дека вториот круг на општинските избори ќе биде организиран на 28 јуни.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, по консултаците со политичките групи и лидерите на политичките партии, Филип призна дека за датумот за 28 јуни немало концензус, бидејќи едни сметаат дека изборите треба да се организираат во јуни, додека други се за подоцна.
Извештајот на Владата ќе биде доставен до Парламентот, а потоа декретот ќе го донесе претседателот Емануел Макрон.
На почетокот на неделата, Научниот совет – тело кое ја советува француската Влада за справување со епидемијата на коронавирусот, го објави своето мислење, во кое посочи дека не е „против“ одржувањето на вториот круг на општинските избори  да се одржат во јуни.
Сепак, Советот прецизира дека „ќе биде неопходна нова здравствена проценка, 15 дена пред вториот круг“ пред да се официјализира одржувањето на изборите, со давање препораки за безбедносно-санитарно организирање на изборите.
Вториот круг на општинските избори, ако здравствените услови го дозволат, ќе се одржи во 4.816 општини, вклучувајќи ги Париз, Лион или Марсеј.  Во 30.143  други општини во Франција општинските совети беа избрани во првиот круг и во овие градови тие ќе бидат инсталирани најдоцна до четврток, 28 мај.
Ако здравствените услови не го дозволат одржувањето на вториот круг на 28 јуни, изборите ќе бидат повторени во јануари 2021 година.