Втора вечер на 21. „Оффест“


По синоќешното волшебно отворање на 21. издание на OFFest (1-4 јуни), со извонредните настапи на  домашните Perija и Dobrila & Dorian Duo, нашиот најголем и најзначаен  фестивал на музика на светот продолжува натаму. Втората вечер на OFFest 2022 е резервирана за мајсторството во изведбата на африканската кора што ќе го сподели виртуозниот инструменталист BALLAKE SISSOKO од Мали, како и за рафинираниот пост-тропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот гитарист, пејач, композитор и продуцент LUCAS SANTTANA. Тие вечерва, пред скопската публика, ќе ги претстават своите актуелни музички проекти на кои работеа последниве неколку години, но секако ќе се навратат и на најубавите мигови од нивниот огромен творечки опус.

 

Долго пред неговиот 30-ти роденден, бразилскиот вундеркинд ЛУКАС САНТАНА, крстосувајќи го светот со најголемите имиња на бразилската Тропикалија, веќе имаше апсорбирано огромно количество музика, недостижно за повеќето професионалци во текот целиот свој живот. Младиот талент од Баија беше откриен во своите рани дваесетти години од страна на бразилските „супертешкаши“ Жилберто Жил и Каетано Велосо. Во текот на својата повеќе од две децении долга кариера, тој издаде 8 одлични албуми, а компонираше музика и за неколку MPB ѕвезди, како Фернанда Абреу, Мариса Монте и Даниела Меркјури, прераснувајќи во еден од најжешките музички феномени јужно од Екваторот. Денес, пејачот, композиторот, продуцентот и движечката сила на бразилскиот нов бран се враќа кон корените на бразилската гитарска традиција од 1950-тите за да испорача еден пост-тропикализмичен електро-акустичен поп албум со теми што го третираат подемот на реакционерната политика и нејзиното опасно игнорирање на човековите права и животната средина. Сантана бира интимна поставка за својата потрага по светлина во овие мрачни времиња. Како што вели: „живееме во време во кое сите зборуваат гласно. Мислам дека дојде време за шепот во ушите на луѓето“.