Втора министерска средба за Зелената агенда за Западен Балкан во Дубровник


Дубровник – Во Дубровник денеска ќе се одржи втората министерска средба за Зелената агенда за Западен Балкан (GAWB). Министрите за животна средина од регионот, заедно со претставници на Европската комисија, Германија, Обединетото Кралство, Хрватска, како и со регионалните и меѓународните партнери, ќе ги разгледаат следните чекори во спроведувањето на GAWB.

Ќе се дискутираат конкретни мерки за зајакнување на климатската отпорност, намалување на загадувањето од пластика, зачувување на биодиверзитетот и забрзување на зелената транзиција во согласност со европските стандарди.

Поздравни обраќања ќе имаат Амер Капетановиќ, генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (RCC), Јан Дусик, заменик генерален директор во Директоратот за клима на Европската комисија, Јохан Затоф, парламентарен државен секретар во Министерството за економска соработка и развој на Германија, Џавед Пател, амбасадор на Обединетото Кралство во Хрватска и Марија Вучковиќ, министерка за заштита на животната средина и зелена транзиција на Хрватска.

По министерскиот панел за унапредување на GAWB, се очекува министрите од ЗБ6 да ја усвојат Декларацијата од Дубровник, чиј составен дел се четири клучни регионални документи: Ревидиран акционен план GAWB 2025–2030, Патоказ за климатска адаптација на ЗБ6, Регионален акциски план за спречување на загадување од пластика, вклучително и морски отпад и Нацрт на стратегиски план за биодиверзитет на ЗБ6 до 2030 година.

Со усвојувањето на овие документи, регионот преминува од планирање кон спроведување, со амбициозни и мерливи цели во енергетската транзиција, климатска отпорност, циркуларна економија, намалување на загадувањето и заштита на природата.

Втората министерска средба се одржува во рамки на Берлинскиот процес 2025 и претставува клучен годишен форум на регионот за преглед на напредокот и утврдување на следните чекори за спроведувањето на GAWB. Ја организира Регионалниот совет за соработка (RCC) во соработка со Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ), со поддршка од Европската комисија, во рамки на претседавањето на Обединетото Кралство со Берлинскиот процес 2025.

GAWB е заедничка рамка што го усогласува регионот со Европскиот зелен договор и го трасира патот кон одржлива и климатски неутрална иднина.