Втора „мајка“ за одземање на мандатот на Груевски

Политичкото мнозинство е пред нов предизвик да обезбеди двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на пратеникот и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сега азилант во Унгарија, Никола Груевски. Собранискиот спикер Талат Џафери вчера испрати допис до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со кој ја извести дека Груевски неоправдано бил отсутен од собраниски седници повеќе од 6 месеци.

Според Деловникот, Комисијата од денот на добивање на известувањето од собранискиот спикер има рок од 15 дена да поднесе предлог за одземање на мандатот. Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, потврди дека седницата ќе се одржи в понеделник. По предлогот на Комисијата, Собранието води претрес на првата наредна седница, а за да му биде одземен пратеничкиот мандат на Груевски „за“ треба да гласаат 80 пратеници. Богоевски очекува пратениците, и од власта, а посебно од опозицијата, да најдат сила да постапат согласно Уставот и законите и очекува комисијата да предложи одземање на мандатот.

„Ситуацијата овде е многу контрадикторна од проста причина што треба да се гласа за факт дали Никола Груевски е неоправдано отсутен шест месеци или не е. Ама, ете, Уставот е таков и ќе мора да собереме 80 гласови ако сакаме да му го одземеме мандатот“, вели Богоевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција рекоа дека деновиве ќе се координираат и ќе заземат став како ќе постапи нивната пратеничка група, откако портпаролот Наум Стоилковски неколку часа претходно избрза па откри за медиумите дека нема да гласаат за одземање на мандатот.

„Откако ќе се поднесе барањето помеѓу пратеничката група, ќе има координација во партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ и веднаш потоа ќе излеземе со став. Сето ова е еден дефокус на реалните проблеми кои во моментот висат над главите на граѓаните. Така што наместо дефокус на граѓаните, власта односно СДСМ може да се зафати со посериозни и суштински реформи кои им се потребни на граѓаните за подобрување на нивниот животен стандард и се останато“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

И од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние што беа исклучени од партијата откако гласаа за уставните измени поврзани со Преспанскиот договор, најавија дека допрва ќе разговараат на таа тема.

Ова ќе биде втор обид на бегалецот Груевски да му се прекине можноста да прима пари на име на пратеничка плата од џебот на граѓаните. Во ноември минатата година, неколку дена по бегството во Унгарија, Собранието не му го одзеде мандатот. За предлогот на Комисијата, која заклучи дека со двегодишната затворска казна за набавка на скапиот „мерцедес“, тој е недостоен за извршување на пратеничката функција, гласаа 58 пратеници, а 27 беа против. Одлуката на пратениците не го одложи извршувањето на казната. Но, тој успеа да им побегне на македонските институции и неколку дена подоцна да се пофали дека се наоѓа во Будимпешта. (Н.К.)

Фото: Б. Грданоски

loading...