Втора експлозија во фабриката „Слобода“ во Чачак во еден месец, овојпат има повредени


За помалку од еден месец, втора експлозија во фабриката „Слобода“ во Чачак. Овојпат повредени се најмалку двајца работници, јавуваат српските медиуми.

Експлозијата се случила денеска нешто пред 20 часот, а во тој момент, во неколку погони на фабриката имало неколку десетици вработени. За среќа, повеќето работници успеале да побегнат, а за двајца се знае дека се повредени при пукање и кршење на прозорците.

Од кабинетот на градоначалникот на Чачак наредија веднаш да се евакуираат граѓаните што живеат во близина на фабриката „Слобода“.

Овој месец ова е втор ваков инцидент во фабриката во Чачак. На почетокот на јуни, се запали магацинот на фабриката каде што се складирале делови за склопување запалки. Во текот на ноќта следуваа повеќе експлозии кои предизвикаа огромни материјални штети. Според првите проценки што ги соопшти претседателот на Србија Александар Вучиќ, станува збор за штета од 1,5-2 милиони евра. Тогаш, немаше повредени.