Втор последователен натпревар на УС Опен, Серена го соборува рекордот на посетеност


 

На натпреварот на Серена Вилијамс против Анет Контавеит одигран ноќеска во второто коло на УС Опен присуствуваа 29.959 гледачи. Мечот го собори рекордот на посетеност за вечерни сесии на теренот Артур Еш поставен во понеделникот. Тогаш во првото коло меѓу Вилијамс и Данка Ковиниќ дојдоа да ги гледаат 29.402 луѓе.

Дваесет и трикратната Грен слем шампионка Серена Вилијамс одговори на прашањето дали може да го освои УС Опен.

– Не можам да гледам толку далеку. Тука сум да се забавувам и да уживам. Да бидам искрена, во последно време имав толку многу тешки натпревари што ќе ми биде тешко да се подготвам за секој противник, изјави Серена.

Американката утре во пар со својата сестра Венус ќе игра со Линда Носкова и Луси Храдецка.