Втор концерт на оркестарот Скопски солисти во Филхармонија по повод 20 години уметничка дејност


Камерниот оркестар Скопски солисти, предводен од познатиот македонски обоист Васил Атанасов, оваа година одбележува 20 години уметничка дејност. По тој повод на 14 декември 2020 година со почеток во 20:00 часот во Националната Филхармонија ќе се одржи втор концерт за оваа јубилејна година „Нашите од Европа“. Како солист ќе настапи кларинетистот Благој Ламњов, а диригент ќе биде Виктор Митревски.

– Ова е втор концерт по повод одбележување 20 години јубилеј на Скопски солисти, заради пандемијата на коронавирусот ги одложивме сите проекти. Ние сметавме дека треба да најдеме начин, тоа што сме го замислиле да го оствариме, особено што оваа година одбележуваме 20 години дејност, а посебно што на овој концерт претставуваме двајца млади и успешни уметници, истакна Васил Атанасов.

Диригентот Виктор Митревски, кој студиите по хорско диригирање ги има завршено на престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Виена, истакна дека му претставува задоволство што првпат ќе соработува со Ламњов. За програмата вели дека е прилично разновидна во однос на композиторите, кои ги има од секој крај на Европа.

Репертоарот содржи дела од Комитас, Штамитц, Сибелиус и македонската народна песна „Сербез Донка“. Комитас потекнува од Ерменија и е основоположник на ерменската Национална школа. Тој исто така е и првиот композитор од Ерменија кој народната музика ја преработил во класична музика. Штамитц е основач на Манхајмската школа и еден од најзначајните композитори во негово време, а Сибелиус основач на финската Национална школа. Македонската народна песна „Сербез Донка“ ќе биде изведена во преработка и аранжман на Карл Јохан Анкарблум.

– Јас сум првпат поканет да свирам на еден ваков посериозен концерт во С Македонија и навистина сум благодарен на професорот Васил Атанасов што пред се го одржува овој ансамбл. Имам продуцирано мали концерти и еден албум и знам колку е тешко да се продуцира еден концерт, истакна Ламњов.

Ламњов е роден во Велес, основното музичко образование го завршува во родниот град. На 12-годишна возраст паралелно со класичното образование, тој започнува со изучување на македонската фолклорна музика. Образованието го продолжува на Универзитетот Лунд во Малме, Шведска. По дипломирањето, Ламњов се сели во САД каде продолжува да студира на Универзитетот во Мичиген и универзитетите Рузвелт и ДеПол во Чикаго.

Ламњов истакна дека му претставува чест, но истовремено и голема одговорност што ќе отсвири едно од единаесетте дела на Штамиц, напишани за кларинет и камерен оркестар, што првпат ќе се отсвири во нашата земја.

На новинарското прашање околу идните планови, Ламњов истакна дека следната година околу четири месеци ќе работи во Операта во Малме, со продукцијата „Days and nights“, на опера која што на самата сцена ќе вклучи акробати и музичари. Операта ќе биде прикажана во Малме и Стокхолм.

Митревски, кој работи како слободен уметник во Виена, истакна дека е најчесто активен во виенскиот градски театар, каде најчесто се прикажуваат оперски продукции со модерна режија. Активен е како хор мајстор и диригира детски опери.