Втор извештај на АВМУ за известувањето во изборната кампања

Националните медиуми  во тек на изборната кампања од 10 до 19 април, како и во претхорниот период, повеќе се концентрирале на активностите на претседателските кандидати, а ретко која од регионалните и локалните телевизии во вестите посветила позначајно време за изборите генерално и обично се концентрирале на локалните избори.

Тоа го покажува вториот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за начинот на известување на радиодифузерите од 10-ти до 19-ти месецов. Со мониторингот се опфатени 32 програмски сервиса, еден на национално ниво (13 ТВ и две радија), 17 регионални и локални телевизии.

– Карактеристика на медиумското покривање во овој период беше поголемото настојување кај радиодифузерите за доследно почитување на принципот на еднаквост, согласно кој се обезбедува баланс во известувањето за активностите и на претседателските и на градоначалничките кандидати. Исклучок е ТВ Сител кај која има поголеми разлики во отстапеното време во вестите, од една страна за претседателските кандидати Пендаровски и Силјановска-Давкова, а од друга страна за кандидатот Река, соопшти АВМУ.

На повеќе медиуми, како што констатираат, имаше посебни информативни емисии, реализирани било како дебати било како интервјуа на тема избори, а во неколку емисии гостуваа и претставници на Државната изборна комисија, со цел да ги информираат гледачите за начинот на остварување на нивното гласачко право и за текот на изборниот процес воопшто. Во неколку наврати и гледачите имаа можност да ги изнесат своите ставови во врска со изборите, на медиумите коишто емитуваат програми, во кои актуелните настани се предмет на дискусија со гледачите.

МРТ 1, согласно својата обврска, повеќепати упати повик за бесплатно политичко претставување до кандидатите за претседатели и за градоначалници, на кој се одѕва само кандидатот за градоначалник на Охрид од ГДУ. Освен Јавниот сервис МРТ1 и ТВ 24 Вести, информации за лицата со оштетен слух на знаковен јазик обезбеди и охридската ТВМ, покажува вториот извештај за начинот на известување на радиодифузерите во текот на изборната кампања.