Втор „Фолклорен фестивал на македонското малцинство“ во Тирана


Албанија – Во организација на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, а со поддршка на Министерството за култура на Република Албанија во Тирана се одржа вториот „Фолклорен фестивал на македонското малцинство во Република Албанија“.

Многубројната публика со посебно внимание ги проследи настапите на фолклорните група од Голо Брдо, Мала Преспа и Гора, кои настапија со традиционални македонски ора, а гостин на вечерта беше театарот „Скрб и утеха“ од Скопје

-Македонскиот фолклор бил создаван и траел со векови. Тој ни овозможува да разбереме кои сме ние. Познавањето на фолклорот значи познавање на сите духовни и материјални богатства на народот. Животот на еден народ е претставен преку традиционалните носии, обичаите, ритуалите, приказните. Но, несомнено најмоќните, најизразените и најприродните алатки кои човекот никогаш не ги напуштил без оглед на времето, местото и возраста се народните песни и ора, изјави Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото „Илинден“.

Додаде дека сценската изведба на народната музика создава нови културни перспективи и посочи дека токму со овој фестивал, се отвора можност за презентација на изворни и автентични содржини.

Фестивалот, која е многу значајна манифестација за македонската заедница, рече Ѓурѓај, финансиски е поддржана од страна на албанското министерство за култура, до кое упати голема благодарост, со убедување дека подршката ќе продолжи и фестивалот ќе стане традиционален.

Покрај Македонци кои живеат во Тирана, како и од други делови на Албанија, на манифестацијата присуствуваа и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски и Златко Ориѓански, директор на Македонскиот културно-информативен центар во Тирана.

Фестивалот се одржа во амфитеатар Тирана, големиот парк кај вештачкото езеро во албанската метропола.