Втор ден во карантин, полицијата засилено контролира околу црквите


Фото; Б. Грданоски

Граѓаните го минуваат вториот ден од 85 часовниот велигденски карантин, како една од рестриктивните мерки против ширењето на корона вирусот, додека бројот на заразени во државата достигна 1.117, од кои излечени се 139 лица.

Државата, според надлежните, влегува во најкритичната фаза од епидемијата каде бројот на новодијагностицирани очекувано расте, но не смее да се дозволи здравствениот систем дополнително да се оптовари и да се даде шанса понатаму, за две недели од сега, заради групирања да се јават нови пациенти.

Забраната и посебниот режим на движење ќе трае до вторник) во 5 часот, а Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите околу верските храмови за време на претстојниот празник.

Според местото на живеење, досега од Ковид-19 се регистрирани случаи во:  Скопје – 389, Куманово – 310, Дебар – 51, Штип-32, Прилеп –103, Тетово – 48, Струга – 53, Велес – 43, Битола –16, Охрид –7, Кавадарци – 4, Гостивар –12, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка-4, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 26, и по два во Пробиштип, Кичево и Неготино.

Забрането е движење и групирање во сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, како и викенд населбите.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.Изземени од забраната се и сите лица со попреченост со придружници.