Вселенскиот патријарх по 27 години ќе се обрати во грчкиот Парламент


По првиот говор на седница на грчкиот Парламентот во 1999 година, вселенскиот патријарх Вартоломеј денеска ќе се обрати пред грчките пратеници на специјална седница, говор што од Парламентот го карактеризираат како „историски“, јави дописничката на МИА од Атина.

Обраќањето на вселенскиот патријарх е по покана од претседателот на Парламентот Никитас Какламанис, а на „седницата од историско значење“ ќе присуствува и грчкиот претседател Константинос Тасулас.

– Во една тешка меѓународна ситуација, поради кризата на Блискиот Исток и континуираната војна во Украина, говорот на вселенскиот патријарх добива уште поголема тежина, соопштија од грчкиот Парламент.

Веднаш по обраќањето, вселенскиот патријарх ќе биде одликуван со Златниот медал на Парламентот на Грција.

Вчера пак, градоначалникот на Атина Харис Дукас, вселенскиот патријарх го одликуваше со Медалот за „Заштита на еколошкото наследство“ што градот го доделува на истакнати личности, институции или организации, домашни или странски, кои покажале иновативна работа и богата активност во областите на заштита на животната средина, одржлив развој, справување со климатските промени и генерално промоција на зелени иницијативи.