Вселенски диџеј ја забавуваше Ибица


Шпанија- Астронаутот, инженер и сега диџеј Лука Пармитано за првпат во историјата пушташе музика од вселената. Астронаутот на Европската вселенска агенција (ЕСА) ја постави својата миксета во Меѓународната вселенска станица (ИСС), каде престојува од 21 јули. Овој необичен потег го направи Пармитано прв вселенски диџеј, објави „Јуроњуз“.

Програмата на Лука траеше дваесетина минути и беше емитувана на шпанскиот остров Ибица. Тој ја отвори ноќната програма на настанот на кој учествуваа околу 3 илјади луѓе.

Иако Пармитано стана првиот диџеј од вселената, музиката не е новост за ИСС. Астронаутите во вселената често слушаат муизка која ги потсеќа на дома, а некои како Лука, дури и создаваат музика. На ИСС во моментов има две гитари, клавијатура и саксофон.

Канадскиот астронаут Крис Хадфилд се прослави со изведба на песна на легендарниот Дејвид Боуви од Меѓународната вселенска станица во 2013 година.