Врвот на ВМРО-ДПМНЕ го овластил Мицкоски да трага по парламентарно мнозинство

Оценувајќи дека изборите се одржале во недемократска атмосфера со масовен поткуп на гласачите, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го овласти Христијан Мицкоски „да продолжи со разговори во обидот за составување на ново парламентарно мнозинство“.

Според соопштението на партијата „Извршниот комитет заклучи дека изборите се одржаа во недемократска атмосфера со масовен поткуп на гласови спроведен од актуелната власт на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ забележува и на бројните недостатоци на денот на изборите срочени во приговорите до Државната изборна комисија кои беа одбиени, а кои ќе се преточат во тужбено барање до Управниот суд“.

Партијата го повторува она што го изјави нејзиниот лидер ден по изборите дека „ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата од народот во најголем број општини, и воедно издејствува поголем број мандати споредено со партијата СДСМ без коалицијата со Беса“. Извршниот комитет дал и насока да се направи „темелна анализа за резултатите од изборите за која подоцна ќе се дискутира во органите и телата на партијата“.