Врвниот американски економист се откажа од понудената висока работа во ЕУ

Фиона Скот Мортон се повлекува од кандидатурата по реакциите за назначувањето на неевропеец. Макрон беше најмногу против


 

 Фиона Скот Мортон нема да ја преземе работата што ѝ беше понудена како главен економист за конкуренција на Европската комисија по политичката реакција која кулминираше со критиките од францускиот претседател Емануел Макрон за изборот на кандидат кој не е член на ЕУ за таа улога.

„Со оглед на контроверзноста што се појави поради изборот на неевропеец за пополнување на оваа позиција, и важноста Генералниот директорат да има целосна поддршка од Европската унија додека ја спроведува, утврдив дека најдобриот начин на дејствување е да се повлечам и да не ја преземам функцијата главен економист“, рече Скот Мортон во писмото објавено од европската комесарка за конкуренција Маргрет Вестагер на Твитер во средата наутро.

Одлуката на Скот Мортон да се повлече доаѓа додека Колеџот на комесари требаше да разговара за нејзиното назначување во среда, откако пет комесари изразија загриженост за изборот на Вестагер и претседателката Урсула фон дер Лајен за таа улога.

Поранешните врски на професорката од Универзитетот Јеил со големите технолошки компании, вклучително „Мајкрософт“ и „Епл“, ги крена сомнежите, бидејќи таа ќе беше задолжена за советување за Законот за дигитални пазари, закон на ЕУ дизајниран да ги скроти токму тие компании.

Скот Мортон, исто така, би бил првиот граѓанин што не е член на ЕУ што ќе заземе толку висока функција во Комисијата, што предизвика спротивставување од клучните играчи на блокот, особено Франција.

Во текот на изминатите денови Париз жестоко се спротивстави на назначувањето, повикувајќи ја Комисијата да ја повлече понудата за работа. Во вторникот, Макрон им рече на новинарите дека е „скептичен“ во врска со номинацијата и рече дека потегот не е „кохерентен“ со стратешките цели за автономија на Брисел.

Вестагер во изјава рече дека разговарала со Скот Мортон. „Ја прифаќам нејзината одлука, со жалење и целосно почитување на нејзиниот интегритет“, рече комесарот за конкуренција. „Исто така, ѝ посакувам се најдобро во иднина, и дека ќе продолжи да ги користи своите извонредни вештини и експертиза за да се залага за силно спроведување и регулација на конкуренцијата на двете страни на Атлантикот“.