Вртоглави животни трошоци: Во Западен Балкан потрошувачите ги бојкотираат супермаркетите


Сѐ почна во Хрватска кон крајот на јануари. Веќе неколку недели, во земјата се одржуваат многубројни бојкоти на супермаркети, со коишто граѓаните го изразуваат своето незадоволство од сѐ повисоките цени. Исто толку незадоволни се купувачите и во други земји-членки на ЕУ, како и во неколку држави што сакаат да се зачленат во блокот. 

Бојкотот на продавниците го почна една група на Фејсбук наречена „Ало, инспекторе“. Движењето наиде на поддршка кај групите за заштита на потрошувачите, синдикатите, политичките партии, а доби поддршка дури и од министерот за економија.

– Денеска повторно ќе бојкотираме сè, од супермаркети до аптеки, пекари, кафе-барови и ресторани. Не влегуваме во продавници ниту користиме услуги, изјави Јосип Келемен од „Ало, инспекторе“

Келемен зборуваше пред третиот круг бојкоти во Хрватска на 7 февруари. Иницијативата почна со пораки што кружеа по социјалните мрежи, во кои се повикуваат граѓаните да се воздржат од какво било купување. Организаторите најпрво повикаа на бојкот на интернационалните малопродажни синџири како Лидл од Германија или дисконтот Еуроспин од Италија, а потоа и на еднонеделен бојкот на хрватскиот Конзум, кој завршува на 14 февруари.

Оттогаш, движењето се прошири низ целиот балкански регион – во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Бугарија и Србија.

Помалку леб во корпата

Проблемот е двоен – од една страна, високите цени им отежнуваат на многумина потрошувачи да сврзат крај со крај. Од друга страна, пак, локалните производители велат оти не можат да им конкурираат на големите синџири поради тоа што увозните производи се поевтини, а цените што им ги плаќаат ним не им ги покриваат производствените трошоци.

Економистите новиов наплив на растечки цени во Хрватска го објаснуваат со значително зголемената лична потрошувачка и вкупна домашна побарувачка наспроти ограничениот раст на понудата. Голем дел од побарувачката во државата е поради големиот прилив на европски фондови, кохезивни фондови и фондови за закрепнување од пандемијата.

Животните трошоци се покачуваат низ цела ЕУ, со оглед што платите не се покачуваат заедно со цените на храната. Според Евростат во Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени, просекот на цените на храната во ЕУ изнесувал 145,2 поени во декември 2024, споредено со референтната вредност од 100 во 2015.

Годишната инфлација во еврозоната, според проценките на Евростат, во јануари изнесувала 2,5 отсто. Стапката на инфлација кај прехранбените производи, алкохолот и тутунот била 2,3 отсто. Во двете западнобалкански земји што го користат еврото – Словенија и Хрватска – стапката на инфлација била 2,3 отсто во првата и 5 отсто во втората, што ја прави инфлацијата во Хрватска највисока во еврозоната.

Бојкотите се заразни

Бојкотите ги заразија и потрошувачите во земјите-кандидати за членство во ЕУ, Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија и Црна Гора.

Граѓаните во Босна и Херцеговина се наоѓаат под сѐ поголем притисок од поскапувањата – животниот стандард опаѓа бидејќи платите не успеваат да држат чекор со растечките животни трошоци. За да го пренасочи трендов, неформалната група „Бојкот во БиХ“ преку социјалните мрежи повика на бојкот на големите малопродажни синџири на 7 и 8 февруари. Прометот во тие два дена опадна.

На 31 јануари и 7 февруари, супермаркетите во Северна Македонија беа полупразни. Граѓаните купуваа на пазарите или во локалните продавнички – или вопшто не пазареа. Граѓаните го поддржаа бојкотот иако не беа убедени дека еднодневен бојкот може да доведе до решавање на проблемите. Велат дека цените постојано растат, а платите остануваат исти. Во пресрет на бојкотот, некои маркети најавија попусти на производите и поволности за потрошувачите, а за високите цени ги обвинија снабдувачите.

Српската организација на потрошувачи „Ефектива“ повика на еднодневен бојкот на малопродажните синџири на 31 јануари, потсетувајќи дека во октомври минатата година, Комисијата за заштита на конкуренцијата покрена постапка против четири малопродажни синџири поради сомнежи за местење цени. Најави и нов бојкот под мотото „Сакаш да те ограбат или не?“. Од 10 февруари, пет дена се бојкотираат пет големи трговски синџири: Делез, Меркатор, Унивекспорт, Дис и Лидл.

Бојкоти имаше во соседна Црна Гора на 31 јануари, како и на 7 и 8 февруари. „Секојдневно сме сведоци на невидени поскапувања на основните продукти, а сопствениците на големите синџири профитираат на сметка на народот. Време е да кажеме доста!“, напишаа од црногорската организација „Алтернатива“ на социјалните мрежи.

Акцијата ја поддржаа премиерот Милојко Спајиќ, некои невладини организации и синдикати, но против неа застанаа Стопанската комора и Црногорското здружение на потрошувачи.

Идејата се прошири и во Бугарија, каде што четири организации повикаа на бојкот на трговците на мало и супермаркетите на 13 февруари, според Велизар Енчев, координатор на иницијативата и поранешен бугарски амбасадор во Хрватска.

Движењето досега не ги зафати Албанија и Словенија, а Романците се колебаат.

Некои политичари ги повикаа Романците да ги бојкотираат супермаркетите на еден ден, тврдејќи дека не продавале романски производи. Но, министерот за земјоделство Флорин-Јонут Барбу изјави дека верува оти бојкотот „ќе ги банкротира романските преработувачи“ бидејќи 70 отсто од производите во малопродажбата во Романија се произведени од романски компании за преработка на храна.

Во Албанија немаше бојкот на супермаркетите и покрај спорадичните повици на социјалните мрежи. Владата лани им ги покачи платите на јавните службеници, ги покачи и пензиите, а годинава ја намали цената на струјата. Покачувањето на платите и пензиите не беше проследено со значително покачување на цените во супермаркетите.

Ни во Словенија немаше организиран бојкот на продавниците, иако високите цени на храната се горлива тема во јавноста. Според Државниот завод за статистика, цените на храната и безалкохолните пијалоци се стабилизирале во 2024 година по период на вртоглав раст. Сепак, трговските центри во словенечките градови покрај хрватската граница забележаа скок во бројот на купувачи за време на хрватскиот бојкот. Купувачите од Хрватска велат дека храната и средствата за чистење се многу поевтини во Словенија. Словенечките купувачи, пак, повторно почнуваат сѐ почесто да одат во соседна Италија по поевтини намирници.

Ограничување на цените

Останува да се види дали бојкотите ќе имаат други долгорочни ефекти освен само да ја подигнат свеста, но предизвикаа реакција кај политичарите, кои побараа ограничувања на цените.

Владата на БиХ вети дека ќе ги замрзне цените на 50 производи, а владата на ентитетот Република Српска најави засилени инспекциски контроли и построги казни за трговците што неоправдано ги покачуваат цените.

Во Бугарија, централно-левичарската БСП–Обединета левица поднесе предлог-закон за ограничување за маржите на основните прехранбени продукти, според пратеничката Нина Димитрова. Сличен предлог-закон поднесе и МРФ–Нов почеток. Двете политички сили се загрижени што стотици илјади граѓани не можат да си ги дозволат најосновните прехранбени продукти поради високата инфлација. Од друга страна, пак, Здружението за модерна трговија посочи дека ваквите ценовни ограничувања биле виновни за растечката инфлација.

Хрватската влада им одговори на бојкотите така што го прошири списокот продукти што им подлежат на ценовни ограничувања, додавајќи уште 40 производи меѓу кои брашно, млеко, месо, леб, печива, сокови и производи за хигиена и други.

Многу врева за ништо?

Во Северна Македонија, Управата за јавни приходи соопшти дека прометот во осумте најголеми синџири на супермаркети на 31 јануари се намалил за 46,59 отсто во споредба со истиот ден претходната недела. Но, податоците покажуваат и дека прометот бил поголем за 11,2 отсто на денот по бојкотот.

Премиерот Христијан Мицкоски изрази разбирање за бојкотите и ги повика на дијалог производителите, дистрибутерите, малопродажните синџири и потрошувачите, за да се избегне влошување на ситуацијата. Според него, некои производители, снабдувачи и трговци се служат со трикови за да ги поскапат производите, правдајќи се дека цените на берзите биле повисоки. „Но не е така“, рече Мицкоски.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши порача дека потрошувачите имаат право сами да одлучуваат како и каде ќе си ги трошат парите.

– Го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните, изјави министерот за економија на Северна Македонија, Бесар Дурмиши.

Според податоците на црногорската даночна управа, бојкотот на 31 јануари бил успешен, со тоа што петте најголеми малопродажни синџири забележале пад на приходите од 56,14 отсто во споредба со истиот период претходната недела. Но, податоците покажуваат и дека овие пет синџири забележале зголемување на приходите од вкупно 1,1 милион евра на денот пред и на денот по бојкотот, во споредба со истите денови претходната недела.

И даночната управа во Србија соопшти дека на 31 јануари, вкупниот промет на петте бојкотирани супермаркети бил намален за околу третина во споредба со претходниот ден.

Во Хрватска, каде што сè почна, првиот национален бојкот на 24 јануари довел до пад на трансакциите за 44 отсто и намалување на продажбата за 53 отсто. Вториот бојкот на 31 јануари предизвикал помал пад на продажбата, а имало уште помал пад за време на третиот бојкот, таканаречен „Не купуваме ништо во петок“, на 7 февруари.

Останува прашањето колку бојкотирањето може да помогне да се попречи инфлацијата. Во секој случај, луѓето неверојатно се лутат кога гледаат дека некои производи во Хрватска, која го внесе еврото во 2023, се поскапи одошто во некои поразвиени земји-членки на ЕУ. (ЕНР – Брисел)