Врти рингишпилот за СЈО: Проблемот е во Катица, во членот 105 или не го бива законот?


Премиерот Зоран Заев најави дека статусот на Специјалното јавно обвинителство мора да се реши до крајот на месецот без оглед дали ќе има договор со ВМРО-ДПМНЕ. Од најголемата опозициска партија велат дека за кратко време ќе го довршат и објават новиот предлог-закон за Јавно обвинителство. Министерството за правда, пак, прво ќе го види, па ќе коментира.

Рингишпилот околу СЈО продолжува и во летниот период и се чини оти двете страни и натаму остануваат цврсто на своите ставови со што на минимум се сведуваат шансите за компромис. Но, претседателот на Владата е уверен оти работите одат по вистински пат и оти единствен проблем бил Катица Јанева.

„Нема да чекаме до ‘5 до 12’. Мандатот на СЈО истекува до 15 септември. Единственото прашање на кое сме заглавени е Катица Јанева и нејзиното име. Тоа треба да го решиме, не заради Европската унија, туку заради нас дома. Компромисите нема да се прават на сметка на правдата. Работните групи ќе работат, има волја од двете страни, треба да се седне и да се најде компромис час поскоро. Не функционира до крај правосудниот систем во Северна Македонија заради ова нерешено прашање. Не со полн капацитет и со неизвесна иднина“, изјави Заев во четврточното интервју за ТВ „Клан“.

Но, при вчерашната посета во Стоби, рече оти преговорите на работните групи за законот за Специјалното јавно обвинителство се заглавени и оти суштинските разлики на работните групи се за членот 105, односно покренување обвиненија и постапување за предмети по истекот рокот на 30 јуни 2017 година.

„Министерката за правда даде информација дека е заглавена работата на членот 105. Лидерот на опозицијата на сите средби кажува дека Катица Јанева е проблем. Во дел од работите на работните групи има напредок, но на одредени детали на членот 105 сме заглавени. Верувам дека идната недела ќе мора нешто да помрднеме, затоа што до крајот на овој месец треба да имаме одговор: има решение или не на ова прашање. Без оглед што тој не е дел од извештајот на ЕУ за кој ќе се одлучува во октомври, тоа не значи дека нема некој да го искористи како контра аргумент во носењето на одлуката. Но, тоа за мене е секундарно, а примарно е носењето на Законот за јавно обвинителство. Ние мора да го донесеме, тоа е дел од правосудството и е наша обврска пред граѓаните“, посочи премиерот.

Претходно, министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска напомена оти од ВМРО-ДПМНЕ не добиле никаков предлог-закон за јавно обвинителство.

„Во текот на разговорите по текстот од Министерството имаше одреден напредок, но останаа суштински разлики за членот 105, кој се однесува на продолжувањето на постапките почнати од СЈО, како и на прашања кои се однесуваат на статусот на СЈО. Законот предложен од Министерството содржи одредба дека специјалниот обвинител се избира од Советот на обвинители, така што прашањето за тоа кој ќе го води СЈО е прашање кое не се третира во преговорите за законскиот текст“, вели Дескоска.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа трпение пред да го презентираат предлог-законот, објаснувајќи оти ако на Министерството за правда му требале повеќе од шест месеци за да изработат закон „главно спротивен на меѓународните документи“, на опозицијата ќе ѝ требало уште малку за квалитетно решение. Што се однесува до разговорите во работните групи, од „белатата палата“ тврдат оти напредок можело да има ако власта ги прифатела нивните принципи што биле во согласност со заложбите на ЕУ и на Обединетите нации за почитување на човековите права и принципи.

„Што се однесува до изјавата на Заев дека единствено Катица Јанева била каменот на сопнување, мислам дека повеќе нема човек што може да му верува во оваа земја. Сега вели проблемот е во Катица Јанева, а министерката за правда минатата недела призна оти воопшто не било разговарано дали Јанева треба да остане на местото Специјален јавен обвинител. Апсолутно не станува збор за тоа, туку станува збор за овие суштински разлики, а тоа е разликите по принципите врз кои што треба да се темели еден закон за јавно обвинителска сфера која што треба да го издржи тестот за следните десетина години“, тврди портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Се договора средба меѓу Заев и Мицкоски

Засега нема договор за лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за трите теми: Специјалното јавно обвинителство, пописот и Изборниот законик, изјави вчера премиерот Зоран Заев. Нивните кабинети се во контакт и очекува дека во скоро време ќе биде договорена средба.

„ Опозицијата или другите партиципиенти ако имаат и други теми, јас сум на располагање да разговарам, но ова се пресериозни теми на кои час поскоро треба да седнеме и да разговараме“, рече Заев.

Во врска со тоа дали ќе се менува Изборниот законик за да има помалку изборни единици, бидејќи помалите политички партии го бараат тоа, Заев посочи дека нивниот став неколкупати е потврден, но прво Изборниот законик треба да се менува за да се вградат сите препораки на ОДИХР. Швајцарската амбасада, посочи, обезбеди грант од 11 милиони евра, за десетгодишен период, но најмногу за создавање нов изборен законик.

„Треба да седнеме и да го реализираме тоа бидејќи и јас и Мицкоски, но и сите други, рековме после претседателските избори, знаејќи дека една и пол година нема избори до редовните избори, треба да седнеме растоварени да го решиме тоа прашање. Нашиот став како СДСМ е дека е прифатлива една изборна единица, отворените листи, се што ќе значи демократизација, се што ќе значи стручна експертиза за возможност во државата. Подготвени сме да го направиме чекорот. Верувам дека и другите политички партии ќе бидат подготвени да направиме еден исчекор кон демократизацијата во изборните процеси во Република Северна Македонија“, додаде Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека темата за изборниот законик се пушта како пробен балон само да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми и афери со кои се соочува власта.

„Во било каков модел, ВМРО-ДПМНЕ е добитник на следните парламентарни редовни или вонредни избори“, уверени се во ВМРО-ДПМНЕ. (Г.А.)