„Врските со Русија“ ја кренале рампата за Ласло Трочањи


Членовите на Европскиот парламент ја наведоа загриженоста околу „врските со Русија“ при отфрлањето на кандидатот од Унгарија за комесар за проширување во следната Европска комисија, Ласло Трочањи.

Комитетот за правни работи на парламентот во четвртокот ја блокираше согласноста на Трочањи и на романската кандидатка Рована Плумб, која беше номинирана за комесар за транспорт.

Комитетот не ги објасни јавно своите причини за одлуките, но писмата испратени од претседавачот на комитетот, кои ги виде „Политико“, подетално ги наведуваат нивните загрижености..

Во случајот на Плумб, комитетот наведе заем што таа го добила од некој „професионално работел во областа на туризмот“ и рече дека не е јасно како парите треба да се вратат „на отворен и транспарентен начин“. Комитетот посочи дека прашањата од заемот „може да продолжат да создаваат потенцијален судир на интереси, во однос на другите портфолија“.

Во случајот со Трочањи, поранешен министер за правда, загриженоста на комитетот се концентрирала на неговите односи со адвокатската фирма што ја основал, и на различните решенија поврзани со Русија.

Комитетот беше особено загрижен од „неговите врски со Русија, особено имајќи ја предвид неговата улога на министер за правда во екстрадицијата на Руси осомничени во Русија, кои потоа, наводно, биле ослободени и покрај претходното барање за екстрадиција од САД“, според писмото испратено од претседателот на комисијата Луси Нетсинга до претседателот на парламентот Давид Сасоли.

За време на неговиот мандат како министер за правда, Трочањи ја одобри екстрадицијата на осомничените руски дилери со оружје, Владимир Лјубишин Постариот и Владимир Лјубишин Помладиот, во нивната земја, и покрај американското барање за екстрадиција и заедничката унгарско-американска работа на случајот. Осомничените подоцна беа ослободени.

Соединетите Држави јавно се пожалија минатиот ноември за одлуката на Унгарија и рекоа дека таа отвора „прашања за посветеноста на Унгарија во соработката за спроведување на законот“.

Министерството за правда на Унгарија соопшти дека Трочањи донел одлука да ги екстрадира осомничените во Русија врз основа на судски одлуки, релевантни закони и меѓународни договори.

Комитетот на Европскиот парламент, исто така, изрази загриженост во своето писмо за „вмешаноста на Трочањи“ како министер за правда во договорот за 2018 година што го доби адвокатската фирма ‘Наѓ и Трочањи’ во врска со нуклеарната централа ‘Пакс II’ и покрај постоењето на клаузула за конфликт на интереси“.

Русија ѝ позајми на Унгарија финансии за проширување на нуклеарната централа, при што рускиот државен „Росатом“ работи како главен изведувач на проектот.

Односите со Русија се важен аспект на работата што Трочањи требаше да ја извршува. Како комесар за соседство и проширување, тој би се занимавал со земји како што се Украина и државите од Западен Балкан, каде Русија има голем стратегиски интерес.

Унгарскиот кандидат претходно им рече на пратениците дека правната фирма, која ја основал во 1991 година, не добила нови договори за унгарска влада за време на неговиот мандат како министер за правда. Сепак, документите објавени минатата година укажуваат на тоа дека фирмата потпишала договор со канцеларијата на унгарскиот премиер за да обезбеди правна помош поврзана со проектот „Пакс“.

Трочањи во изјавата пред гласањето на комитетот рече дека „за време на мојот мандат како министер за правда помеѓу 2014 и 2019 година ‘Наѓ и Трочањи“ ја одби целата нова работа од унгарската влада“.

Комитетот, сепак, напиша дека има загриженост во врска со „повеќекратно и јасно вклучување во адвокатската компанија ‘Наѓ и Трочањи’ и назначување на косопственикот на таа адвокатската фирма како негов личен советник во министерството за правда во време кога номинираниот комесар сè уште поседуваше 12,6 проценти од таа фирма“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот наутро го бранеше својот кандидат. Тој посочи дека гласањето за отфрлање на Трочањи е поврзано со тврдата линија на владата против миграцијата надвор од ЕУ.

Трочањи е „најпогодната личност“ за функцијата во комисија, изјави Орбан за државното радио. „Неговиот грев е што тој ѝ помогна на владата и јас лично да ја браниме Унгарија од миграцијата“, рече премиерот.

Орбан рече дека разговарал со Урсула фон дер Лајен во четвртокот и тие решиле повторно да разговараат откако таа ќе го добие писменото објаснување за одлуката на комитетот. Во четвртокот Трочањи го оцени овој потег како „политичка одлука… без никаква фактичка основа“. (Политико)