Врие во Трнодол: Жителите најавуваат протести и тужба против градоначалникот Богоев


Жителите на Трнодол најавуваат протести ако Општина Карпош не го повлече детаљниот урбанистичкиот план, кој, како што велат, може да предизвика лизгање големи земјени маси поради градење во заштитно зеленило под брдото, кој го загрозува сообраќајот и кој отвора можност за градежна инвазија и градење населба која навлегува во заштитеното подрачје на Парк-шумата Водно.

Жителите на оваа скопска населба најавуваат тужби против Општината и градоначалникот Стефан Богоев. Тие велат дека Општината ја закажала јавната седница за утре во 15.30 часот и бараат, наместо тогаш, да се одржи по 17 часот кога би можеле да присуствуваат повеќе жители, со оглед на тоа што на повеќето работното време им е до 16 или 17 часот.

„Веќе е поднесена преставка пред уставниот суд за преиспитување на носењето на новиот регулациски план донесен во јуни 2018 година од страна на Град Скопје и каде што на чуден начин е поделена населбата и споена со т.н. шпанско село, а сè со цел да може да се издејствува помала густина на населението. На тој начин ќе може да се вцртуваат нови градби, без ограничувања и без да се запазат законските нормативи за сообраќај и живеење. Целата постапка е контровезна уште од самиот почеток кога среде лето беше распишана јавна презентација со непрофесионално изработениот предлог на ДУП-от, а сега пред Нова година, пред славата Свети Никола, се брза да се донесе ДУП кој може да предизвика лизгање големи земјени маси поради градење во заштитено зеленило под брдото и во заштитниот канал од поплави. Истовремено, се загрозува и сообраќајната безбедност на улиците Козле и Трнодол, како и отворање можност за градежна инвазија и градење населба која навлегува во заштитеното подрачје на Парк-шумата Водно, која ќе се протега над контровезното шпанско село и над населбите Трнодол, Жданец и Козле, а до која е планирано да се пристигнува преку планираната јужна обиколница и сервисниот пат, кои треба да поминуваат низ самата населба Трнодол по несоодветни и тесни улици“, велат жителите.

Кусо кажано, додаваат тие, се планира нова населба, која би била копија на онаа околу бившиот хотел „Панорама“, а која повеќе би личела на Дебар Маало отколку на Парк-шума како што засега се именува.

Според нив, спорен детаљ се и маркичките за градба, кои се директно позиционирани врз каналот што ги собира водите од планината, а планираните петкатници ќе го загрозат слободниот проток на води во случај на големи дождови и дополнително ќе го поткопаат брдото.

„Затоа, од градоначалникот се бара да биде совесен и разумен и да го повлече предолжениот ДУП и во согласност со позитивните законски прописи за безбедно станување да предложи до Советот на Општината да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје, како што се брдата под Трнодол и Жданец. За оваа опасност постои истражување од 2010 година нарачано од Општината и уште едно испитување реализирано од германската амбасада. Резултатите од тие испитување се дека населбата Трнодол лежи на потенцијално нестабилна почва. Затоа, задача на Општината е да го заштити брдото со пошумување, да го зацврсти со шипови, да го регулира течењето на водите во каналите и да го заштити од ерозија со ново пошумување бидејќи во овој потег има над 120 исушени дрвја, како и да да преиспитаат сомнителните потпорни ѕидови под брдото зад двете веќе изградени згради на улицата Козле“, велат жителите.

Спротивно од ветувањата пред минатите избори, велат тие, дека ќе се смени начинот на узурпирање на јавниот простор и заштита на Парк-шумата Водно, градоначалниците продолжуваат со неразумно служење на градежните профитери.