Врие околу Турција


 

Иранската армија почна со ненајавени воени вежби во северозападниот дел од државата во близина на границата со Турција, јавија ирански медиуми.

Воените вежби се спроведуваат во момент кога турските сили се подготвуваат да навлезат во територијата на Сирија.

Според медиумите во Техеран, во вежбите се вклучени единици за брза реакција, мобилни и офанзивни бригади и хеликоптери од ВВС на Иран.

Турските трупи, пак, почнаа да преминуваат во североисточна Сирија за да ги принудат курдските милитанти, кои ја контролираат граничната област, да се повлечат, изјави турски официјален претставник за „Блумберг“.

Мала група на турски сили рано денеска влезе во Сирија на два пункта долж границата, во близина на сириските градови Тал Абјад и Рас ал-Аин, во рамките на подготовките за пошироката офанзива, истакна неименуваниот официјалниот претставник.

Засега нема коментар од курдските сили, кои претходно ветија на телевизиска прес-конференција од северниот град Хасаке, дека ќе се бранат од каква било турска офанзива.