Врие на Косово, затворени премините Брњак и Јариње


Косовската полиција вечерва соопшти дека ги затворила премините Брњак и Јариње за патнички сообраќај и возила.Во соопштението објавено на Фејсбук страницата на полицијата се наведува дека премините се затворени поради блокадите на патиштата кон Јариње и Брњак. Граѓаните се известуваат за сообраќај да користат други премини. 

По најавата на Приштина дека од утре ќе почне примената на одлуката за пререгистрација на возила и лични карти, граѓани од северот на Косово на неколку локации во северно Косово поставиле барикади, јави Н1.

Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Бесим Хоти, за порталот Косев, инфо потврдил дека има блокада во Зубин Поток кај Вараге и во Рударе.

– Имаше блокада на патот во Зубин Поток кај Вараге и во Рударе. Наводно се раширила лажна вест дека општината ќе биде блокирана од специјални единици, што апсолутно не е точно и нема таква намера, изјави Бесим Хоти за Косев.

Читатели Н1 од северот на Косово претходно за Н1 изјавија дека граѓаните се собираат кај крстот во селото Рударе во општина Звечан.Претходно сирени се огласија во северниот дел на Косовска Митровица. Во меѓувреме сирени се слушнале и во Зубина Поток.

КФОР соопшти дека „ја следи ситуацијата и собира податоци“.

Нема простор за тензија или опасност од дестабилизација поради утрешниот почеток на примената на одлуката на Приштина за пререгистрација на возила и лични карти, изјави косовскиот премиер, Албин Курти.

Курти на прес-конференцијата рече дека се работи на тоа утре се да биде како што треба.

Тој потенцираше дека нема да се земаат документи од граѓаните кои влегуваат во Косово од централна Србија, туку дека ќе добијат изјави за потпишување.

„Ние нема да им ги одземаме документите на луѓето кои влегуваат од Србија во Косово. Тие доаѓаат со документи издадени од Србија, ние не им ги одземаме тие, туку им издаваме писмени изјави, исто онака како што веќе 11 години Србија постапува со секој граѓанин на нашата Република кога ја преминува границата за влез во Србија. Од утре тие ќе имаат еден документ повеќе“, изјави Курти. Според Курти, ова е легитимен и правен потег на Приштина.

Српскиот претседател Александар Вучиќ упати молба за мир на Косово поради зголемените тензии со Приштина. Сепак, тој, исто така, вети дека „ќе се бори до смрт“ доколку етничките Срби на Косово бидат цел на нов погром.

„Атмосферата е вжештена и Србите нема да трпат повеќе злосторства“, рече Вучиќ во неделата во Белград. „Мојата молба до сите е да се обидеме да го зачуваме мирот речиси по секоја цена. Ги молам Албанците да се вразумат, Србите да не наседнуваат на провокации, но ги молам и претставниците на моќните и големи земји, кои ја признаа таканаречената независност на Косово, малку да внимаваат на меѓународните законот и реалноста на теренот и да не дозволат нивните штитеници да предизвикуваат конфликти“.