Врховниот суд во САД одлучува за границите меѓу извршната и судската власт


Колкава моќ треба да имаат федералните судии во САД? Ова клучно прашање сега се наоѓа пред Врховниот суд на САД (SCOTUS), во контекст на извршна наредба донесена од поранешниот претседател Доналд Трамп, со која се обидуваше да го укине автоматското добивање државјанство за деца родени на територијата на САД – т.н. „jus soli“.

Овој случај е уникатен и интересен заради секундардната „битка“ која се води преку него. Поширокото дилема што ја покрена овој судски спор е дали федералните судови и нивните судии во еден округ можат да ги блокираат политиките на администрацијата на Трамп коишто важат за целата држава.

Со наредбата се прогласува дека децата родени во САД нема да добијат државјанство доколку и двајцата родители се недокументирани или привремени жители. Исклучок се дипломатите кои ќе добијат дете додека служат во земјата. Правниците, сепак, предупредуваат дека ваквата наредба директно се коси со Четиринаесеттиот амандман од Уставот.

„Огромното мнозинство уставни експерти веруваат дека наредбата е во спротивност со четеринаесетиот амандман и тие исто така веруваат дека Врховниот суд ќе ја поништи наредбата доколку некогаш ја процени нејзината основна уставност“, пишува Политико.

Како што објави јавниот сервис во САД, Ен-Пи-Ар, оспорувањето на ова право долго време се сметаше за т.н. „fringe“ или маргинална правна теорија. Тоа е затоа што Врховниот суд едногласно пресуди во корист, односно го потврди ова како право и воспостави преседан коишто трае веќе 127 години. Но, и затоа што Конгресот во 1940 година донесе закон со кој се кодифицира правото на државјанство по раѓање за секое дете родено на тлото на Америка.

Судска битка со пошироки импликации

Веднаш по донесувањето на оваа извршна наредба на Трамп, 18 сојузни држави, Вашингтон и повеќе групи и организации кои се борат за права на имигрантите ја оспорија оваа наредба. Оттогаш, тројца федерални судии донесоа забрани (injunctions) за оваа наредба.

Еден од нив, Џон Когенур од окружниот суд во Сиетл назначен од претседателот Роналд Реган рече:

Јас сум на [судијската] клупа повеќе од четири децении. Не можам да се сетам на друг случај каде што поставеното прашање е толку јасно како овој. Ова е очигледно неуставна наредба.

За возврат, администрацијата на Трамп поднесе жалби на три различни апелациони судови во градовите каде што беа изречени забраните. Но, сите три апелациони судови ги уважија, односно ги потврдија одлуките на претхдните судови. Администрацијата повторно ги обжали одлуките но овој пат пред Врховниот суд на САД и тоа по итна постапка.

Во моментов се наоѓаат пред тројца врховни судии кои Трамп ги назначи за време на првиот мандат. Во Врховниот суд има девет судии од кои шестмина имаат поконзервативни ставови. Тука, правдата станува малку покомплицирана.

Што точно оспоруваа администрацијата на Трамп?

Во Политико објаснуваат дека всушност администрацијата на Трамп, во оваа фаза не бара од судот да ја поништи одлуката на окружните судии и да ја прогласи извршната наредба како уставна. Туку, тие тврдат дека судиите едноставно немале моќ да издадат кави било забрани за наредби коишто се однесуваат на федерално ниво – уште познати како универзални забрани. Односно, судовите не може да донесуваат општи одлуки што влијаат на луѓе освен на странките кои се појавуваат или се поврзани со самиот случај.

Со други зборови, прашањето е дали ингеренциите на судови кои се надлежни само на една област или регион, може ја имаат моќта да доделуваат забрани за наредби или закони кои важат за целата држава. Целта е забраните што „пониските“ судови ги носат да се однесуваат само за случаите или во сојузната држава од која потекнува судот.

Ова е централното прашање што Врховниот суд треба да го одговори преку овој случај. Врховните судии имаат време до летото да донесат официјална одлука во чија корист да пресудат. Како што се наведува во анализата на Њујорк Тајмс, дел од судиите веќе ги имаат споделено своите мислења за универзалните забрани на нивните колеги од пониските судови:

„Во одлука од 2020 година, судијата Нил Горсуч ги критикуваше забраните со ‘национален’, ‘универзален’ или ‘космички’ опсег“, пишувајќи дека таквите „очигледно нефункционални“ пресуди „сеат хаос“. Судијата Самуел А. Алито помладиот, исто така, ги критикуваше забраните на национално ниво во неодамнешното несогласување на кое се придружија и други конзервативци“, пишува во анализата на Њујорк Тајмс.

Од друга страна, пак, повеќе аналитичари пишуваат дека доколку Врховниот суд се согласи со уставноста на извршната наредба на Трамп, тоа ќе значи дека истата ефективно ќе стапи на сила во половина од сојузните држави, а нема да важи во сите држави каде што одлуката се оспорува.

Илустративен пример за какви секојдневни и логистички проблеми може да настанат со оваа одлука има прегледот на британски Гардијан. На пример, бебињата родени од имигранти во истата болница може да имаат различни статуси на државјанство. Сè зависи од тоа дали нивните родители имале можност да ангажираат адвокат и да учествуваат во судски спор.

Или, пак, новороденче во Њу Џерси може да добие државјанство по право на раѓање, додека новороденче во Мисисипи не. Или доколку најблиската болница до еден град се наоѓа во границите на сојузна држава во која не е забранета извршната наредба, ќе треба или да се ризикува подолг пат кон друга болница во самата држава или автоматски да дисквалификува бебето од добивање на државјанство.

Oва го кажа и државниот правобранител на Њу Џерси, Мат Платкин:

„Имаме родители во Јужен Џерси чии деца се родени во Филаделфија. Пенсилванија не е во тужбата. Дали тие деца навистина не се Американци затоа што нивните родители отишле во болницата што е најблиску до нивната куќа, која случајно е во Пенсилванија? Тоа нема смисла. Искрено, тоа е апсурдно“, изјави Платкин за Политико.

Токму за практичните делови од последиците од оваа одука, судијата Брет Кавано ги притисна адвокатите од администрацијата на Трамп.

Битката за универзалните забрани

Покрај судиите, повеќе администрации, правни експерти и членови на Конгресот ја имаат критикувано праксата за користење на универзални забрани во минатото. Но, со овој случај прв пат Врховниот суд ќе треба да одлучи кога и колку ќе може да се користат ваквите универзални забрани. Но, прашање е зошто никој до сега не го спорел ова право на пониските судови.

Тоа е затоа што универзалните забрани се прилично нова пракса, пишува во Харвард Ло Ривју, и за прв пат се издавааат во 1960 година. А, причината зошто овие забрани драматично зачестуваат, како што пишува Вашингтон Пост, е затоа што законите и одлуките што се носат преку Конгресот се пребавни. Па, затоа, претседателите повеќе се потпираат на извршни наредби за спроведување на нови политики.

Ова особено се однесува на четворицата последни претседатели на САД:

Бројот на универзални забрани што секој од последните четворица претседатели на САД ги има добиено на своите извршни наредби, како и стапката на забрани издадени од судија назначен од претседателот на спротивната партија | Извор: Вашингтон Пост

Неспорно е дека експертите од повеќе страни го делат мислењето дека универзалните забрани ги надминуваат уставните овластувања на федералните судии. Но, од друга страна, поддржувачите на забраните тврдат дека националните забрани се исклучително важен механизам преку коишто може да се спротивстават на лошите политики на една извршна власт. Но, и за да може да се обезбеди политиките што влијаат на целата држава да се спроведат конзистентно низ целата држава.

Баш затоа одлуката на Врховниот суд да го разгледа случајот кон крајот на оваа сесија, пред да се распуштат за летниот одмор, е дополнителен показател дека судиите сметаат дека ова прашање, односно последиците од овој случај како многу важни. (Meта)