Врховниот суд пресудил да се одземе Работничкиот дом, тврдат од ССМ


Првомајски протест на ССМ/Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска соопшти дека според информациите со кои располагаат, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема објектот на ССМ.

На вонредна прес-конференција, Трендафилов рече дека ќе сторат сѐ да не се одземе објектот на ССМ и дека ќе побараат оставка од претседателот на Врховниот суд, а од Советот на судии, кој броел пет члена, доколку донел ваква одлука, ќе биде повикан на одговорност. 

„Работничкиот дом го преживеа катастрофалниот земјотрес од 1963 година и ќе го преживее потресот од Врховниот суд, а дали Врховниот суд ќе го преживее гневот на работниците, ќе видиме“, рече Трендафилов.

Тој појасни дека добиле неофицијални информации дека Врховниот суд донел некаква си пресуда со која се одзема Работничкиот дом, домот кој е граден од средства на работниците во 1952 година врз основа на целокупната документација со која располагаме ние инвестирани средства од 430 милиони тогашни динари или повеќе од осум милиони долари во денешна противвредност.

„Имот кој сме го граделе врз основа на договор за градба, одобрение за градба, инвестициска програма, обезбедени финансиски средства од членарина, од пари на работниците, од платата на работниците од работничката моќ. Врховниот суд, денеска, имајќи предвид дека е највисоката инстанца во државата која со таквата одлука не може да биде оспорувана во домашното право и домашното законодавство, туку само надвор. Донел некаква пресуда со која ги поништува сите постапки започнати од 1992 година од тогашните влади, од тогашните функционери, од тогашните правобранители кои се во име на ССМ врз основа на целокупните аргументи и повеќе од 15 судски пресуди, шест само во последниот случај од 2005 година до денес, повеќе од 15 решенија на управни институции, преиначува, поништува и кажува дека поради претпоставка дека синдикатите во тој систем не можеле да располагаат со толкави средства, поради претпоставка дека одлука е повисока од уставот на држават и во тој систем и сега, повисока од законите во државата… и тоа што сме успеале да го зачуваме, денеска сакаат да го земат“, рече Трендафилов.  

Според него, на овој начин сакаат „да го дисциплинираат синдикалното движење во Македонија и на таков начин да го уништат“.