Врховниот суд на Албанија ја потврди одлуката за конфискација на имот на ќерката и зетот на Бериша


Врховниот суд на Албанија ја потврди заплената на имотот сопственост на Аргита и Џамарбер Малтези, ќерка и зет на поранешниот албански премиер Сали Бериша, со што останува во сила одлуката на Специјалниот апелациски суд.

Станува збор за 25 имоти што беа запленети на барање на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, во рамки на истрагите за приватизацијата на поранешниот комплекс „Партизан“ во Тирана, каде Џамарбер Малтези е обвинет за корупција и перење пари. Меѓу одземените имоти има неколку станови, банкарски сметки, вила во Заливот на Лазри, како и сметки на неколку фирми, јавија албанските медиуми.

Во меѓувреме, Џамарбер Малтези останува во „куќен притвор“, откако на 21 ноември 2023 година, Специјалниот апелациски суд му ја замени мерката „затворски притвор“. Според одлуката, на Малтези му се наложува да не излегува од станот и да не комуницира со други лица освен со оние кои живеат со него.

Во обвинението се наведува дека тој на добиениот простор изградил 17 восококатници и се „збогатил“ за над пет милиони евра.

Малтези, кој претходно ја извршуваше функцијата шеф на Секторот за животна средина во Демократската партија, беше уапсен на 21 октомври, на меѓународниот аеродром во Тирана, откако СПАК побара негово и апсење на Сали Бериша, кој одобрил приватизација на комплексот, во време кога бил премиер.

Бериша, исто така, е во домашен притвор, поради вмешаност во корупција. Тој поради корупција е прогласен за непожелен за САД, во мај 2021 а една година подоцна, во јуни и за Велика Британија.