Врховен суд на Британија: Џонсон незаконски го суспендирал Парламентот


Врховниот суд на Велика Британија денеска пресуди дека суспендирањето на Парламентот на барање на Борис Џонсон е незаконско.

Највисокиот британски суд во одлуката наведува дека е погрешно да се запре Парламентот да ги извршува своите обврски.

Според „Гардијан“, судиите нагласиле дека советите на премиерот Џонсон за кралицата Елизабета Втора за суспендирање на Парламентот не биле легални.

Одлуката од 11 судии доаѓа по тридневниот процес, кој во прв план ги изнесе правните несогласувања околу толкувањето на непишаниот Устав на Велика Британија.

Главното прашање за судиите беше дали одлуката на премиерот да употреби „кралски прерогативи“ е „оправдана“ и дали била подложна на судска ревизија. Англискиот суд одби да се меша додека шкотскиот суд донесе пресуда дека судиите имаат право да постапуваат.

– Одлуката да се советува нејзиното Височество да го суспендира Парламентот беше нелегална затоа што имаше ефект на незадоволство или спречување на можноста Парламентот да ги извршува своите уставни функции без разумно оправдување, рече претседателката на Врховниот суд Бренда Хол.

– Парламентот не е суспендиран, така едногласно одлучија сите 11 судии. Сега е на Парламентот, а особено на претседателите на двата дома, да одлучат за следните чекори, додаде Хале.

Претседателот на Долниот дом Џон Беркау веднаш реагираше, нагласувајќи дека Парламентот треба итно да одржи седница.

Во исто време, лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин го повика премиерот Борис Џонсон веднаш да поднесе оставка.

На 28 август, Џонсон ја советуваше кралицата Елизабета Втора да ја суспендира работата на Парламентот, што неговите противници го оценија како потег со кој би се спречило да биде блокирана неговата намера да ја изнесе земјата од ЕУ на 31 октомври, со или без договор.

Сепак, Џонсон рече дека целта на суспензијата е да му се даде време да донесе нова законодавна агенда за Брегзит.