Врховен се мисли: Повеќе од два месеца се преиспитува пресудата на Јанкулоска


Врховниот суд повеќе од два месеца ја преиспитува правосилната пресуда за поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е осудена на затворска казна од четири години за случајот „Тенк“, односно за набавката на луксузниот „мерцедес“ за Груевски.

Од највисокиот суд само кратко информираат дека се уште нема одлука за овој предмет. Тоа значи дека поранешната министерка може да биде на слобода и да ужива со своето дете додека Врховен одлучи, но и потоа ако Врховен го врати предметот на повторно судење.

На 24 јуни Врховниот суд го прифати барањето на Јанкулоска за вонредно преиспитување на пресудата и ѝ го одложи издржувањето на затворската казна. Судијката Добрила Кацарска првично ја осуди Јанкулоска на шест години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Апелацискиот суд и ја намали казната на четири години. Извршувањето на оваа правосилна пресуда се одложи бидејќи бебето на Јанкулоска немаше наполнето една година. Во меѓувреме, Врховен го прифати нејзиното барање за преиспитување на пресудата и засега Јанкулоска е слободна.

На ист начин од затворска казна се спаси поранешниот премиер и министер Владо Бучковски, кога Врховниот суд го одложи издржувањето на затворската казна, а потоа случајот го врати на повторно судење. Процесот пак почна од почеток, но уште нема завршница.

Во моментов на чело на највисокиот суд има вршител на должност, судијата Фаик Арслани, откако Судскиот совет донесе одлука да го разреши Јово Вангеловски. На 10 септември Судскиот совет го разреши Вангеловски за нестручно и несовесно работење за неговата одлука да го спаси од притвор бизнисменот Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО.

По оваа одлука на Судскиот совет, Вангеловски не е достапен за никаков контакт со новинарите. Тој имаше рок од осум дена да поднесе жалба на одлуката, а од Судскиот совет не кажуваат дали до нив пристигнала жалба од Вангеловски со образложение дека информацијата била од доверлив карактер. Од Врховниот суд велат дека досега кај нив не пристигнала никаква жалба од Судскиот совет.

За жалбата ќе одлучува Советот за одлучување по жалбите на Судскиот совет во Врховен суд и гласовите на петмина врховни судии, односно ќе бидат одлучувачки некои од судиите чиј претпоставен до завчера беше разрешениот претседател. Според процедурата, Вангеловски има право да поднесе жалба во рок од осум дена од приемот на решението до Советот од судии во кој членуваат девет судии. Тројца судии ќе бидат избрани од Врховниот суд, а по еден судија со ждрепка ќе биде избран од четирите апелациски подрачја во земјава (Скопје, Битола, Штип и Гостивар) во кои припаѓаат по неколку основни суда од градовите. Бројката на врховни судии се зголемува со тоа што уште двајца судии се избираат од судот каде што работел разрешениот судија, односно од Врховниот суд. Со тоа, за жалбата на Вангеловски ќе одлучуваат петмина врховни судии и четворица судии кои ќе бидат избрани по пат на ждрепка.

Советот за одлучување по жалба може да го потврди или укине решението на Советот за разрешување на судијата. По две години од поднесувањето на барањето за утврдување на одговорност, завчера Советот на јавни обвинители со седум гласа „за“ го разреши Вангеловски за нестручно и несовесно работење.

Ова беше втор мандат на Вангеловски на чело на Врховниот суд, а неговото име постојано се поврзуваше со претходната власт поради неговите кумски врски со поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски. Но и по промената на власта тој го доби претседателското место во највисокиот суд. Една од најконтроверзните одлуки која ја донесоа врховните судии со убедливо мнозинство за време на неговиот втор мандат беше начелното правно мислење со кое го прогласи СЈО за ненадлежно да покренува истраги и да отвора предмети по спорниот рок. Со ова правно мислење почна правното тонење на СЈО, а најголема корист од ова извлекоа осомничените во случајот „Империја“, кои Врховниот суд ги пушти на слобода. (Ф.Ф.С.)