Време е за јасен став на ЕУ околу пристапувањето на Западен Балкан

Генералната секретарка на Советот за регионална соработка изјави дека ЕУ треба да го испочитува договорот и да изнесе јасен став околу процесот на пристапување на Западен Балкан.

„Од друга страна, ние во регионот треба да ги засукаме ракавите и да започнеме со реализација на програмата за реформи и покрај огорченоста и разочарувањето кои се присутни во регионот“, изјави Мајлинда Брегу.

Мајлинда Брегу додаде дека ова е „можеби и најголемата криза во политичките ставови на Европската унија и Западен Балкан од 1999“.

Таа тоа го рече во воведниот дел на меѓународната конференција на високо ниво за иднината на Балканот под називот „За танц се потребни двајца: Западен Балкан меѓу надежта и реалноста“.

„Се надевам дека одлуката, не само за неотворање на преговори со Албанија и Северна Македонија, туку и одлуката која влијае на вкупната перспектива на пристапување и процесот на членство на останатите земји, нема негативно да влијае и да ги разочара пред се јавните управи кои треба да бидат мотивирани да продолжат со реформите“, додаде таа.

Таа изјави дека регионот не може да очекува дека тоа ќе го направи Хрватска, која е следен претседавач, Франција и Германија можат сами да ја променат ситуацијата.

Генералната секретарка Брегу ја нагласи и важноста на младите и меѓусебната поврзаност на нивната и европската перспектива на регионот, бидејќи дури 61 процент од младите луѓе од регионот ја поддржува интеграцијата во ЕУ.

„Истовремено истиот тој процент се подготвени да си одат ако не видат јасни, подобри стандарди во својата земја. Тоа е и причината поради која напорно работиме на признавањето на дипломите и стручните квалификации на основа на соодветниот европски модел“, изјави Мајлинда Брегу.

Со тоа на младите луѓе им се дава прилика да одат во друга земја во регионот и таму да пронајдат работа, додаде таа.

Годинешната 20. меѓународна конференција на високо ниво беше клучниот момент за разгледување на иднината на Балканот и новите идеи и пристапи во присуство на преку 200 учесници, вклучително европски и национални креатори на политики, државни службеници, претставници на бизнис и меѓународните организации, како и водечки академици и новинари.