Време е за џез – Настапот на Сесил Меклорин Салвант ја освои публиката


 

Овогодинешниот 43 по ред Скопски џез фестивал уште на почетокот постави високи стандарди – со настапот на Сесил Меклорин Салвант, една од најдобрите џез вокалистки на денешницата, која ја освои публиката со своите гласовни можности и со интерпретацијата на оригинални џез композиции или преработки.

Меклорин Салвант покажа дека гласот е всушност најдобриот инструмент – таа низ целиот концерт го покажуваше токму тоа. Во тоа имаше и моќна поткрепа во придружниот бенд, во кој беа водечкиот американски џез-пијанист, извонредниот Саливан Фортнер, како и фантастичните Јасуши Накамура на котрабас и Кајл Пул на тапани.
Публиката возвраќаше сразмерно – со долготрајни аплаузи за што на крајот беше наградена со два биса.

Меклорин Салвант на еден од бисовите ја изведоа Ghost of Our Love, а впечатлива беше и нејзината интерпретација на „Оркански висови“ (Wuthering Heights), еден од најголемите хитови на англиската кантавторка Кејт Буш.

Сесил Меклорин Салвант беше најавена како композиторка, пејачка и визуелна уметница позната по својот специфичен пристап кон музиката, која што комбинира елементи од џез, блуз, фолк, како и од театарската и барокната традиција.
Опишана од Џеси Норман како „уникатен глас поткрепен со интелигенција и апсолутна музикалност“, Салвант се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина.

Салвант во своето портфолио има три последователни Греми награди за најдобар вокален џез албум со „For One to Love“, „Dreams and Daggers“ и „The Window“. Албумот „Ghost Song“ (2022), пак, доживеа одлични критики и стекна неколку номинации за Греми.

Нејзиниот актуелен албум „Mélusine“ (2023), отпеан главно на француски, го истражува средновековниот фолклор, прикажувајќи ги нејзините широки и разновидни влијанија. Концертите на Сесил Меклорин Салвант се неповторливи искуства, во кои таа покажува неверојатно чувство и талент за раскажување приказни.

Салата во НОБ беше преполна, а меѓу присутните имаше и познати личности од културата, општествениот живот, но и актуелни и поранешни функционери и политичари. 

Во вториот дел на првата фестивалска вечер во Младинскиот културен центар настапи македонскиот состав Next to Silence. Притоа, на Кирил Кузманов му беше врачена и наградата за најдобар млад џез музичар.

Вечерва (18 октомври), на програмата на Скопскиот џез фестивал во МОБ ќе има два концерти.

Во 20 часот ќе настапи португалскиот саксофонист Родриго Амадо со својот квартет The Bridge. По нив ќе настапи The End, експериментална музичка група предводена од легендарниот саксофонист Матс Густафсон.