Вреди бара од ДУИ да го исклучи Груби од партијата
Вреди бара ДУИ да го исклучи бегалецот Артан Груби од партијата.
„Упатуваме јасен и отворен повик до раководството на Демократската унија за интеграција да преземе конкретни и видливи мерки за зачувување на стратешкото партнерство на Албанците од Северна Македонија со Соединетите Американски Држави и за докажување дека Албанците нема да бидат заложници на ничиј криминал. Бараме ДУИ да донесе формална одлука за исклучување на Артан Груби од членство во партијата“, порачуваат од Вреди.
Според нив досегашните изјави на господинот Али Ахмети и Бујар Османи за принципиелност и транспарентност останале само на ниво на празни зборови.
„Ги повикуваме да преземат конкретни чекори кои ќе покажат дека нивните ветувања и заложби се реални и дека нема да дозволат какви било сомнежи околу криминална или нечесна активност да ја нарушат репутацијата и иднината на Албанците во Република Северна Македонија.Притисокот од јавноста е реален и легитимен – луѓето бараат дела, а не празни фрази. Доколку ДУИ сака да ја потврди сериозноста на своите заложби за владеење на правото и за севкупен општествен интегритет, неопходно е итно да покаже дека нема да толерира сомнителни активности од своите редови. Исклучувањето на Артан Груби од партијата е неопходен потег за да се испрати јасна порака дека партијата и нејзините лидери се искрени во заложбите за почитување на законите и силно партнерство со САД. Се друго е јасен доказ дека тие го прикриваат и штитат нивниот другар Артан Груби“, порачуваат од Вреди.