„Врба“ на Манчевски ќе го отвори Филмскиот фестивал во Кјото


Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски денеска ќе го отвори 13. Меѓународeн филмски фестивал „Историка“ во Кјото, Јапонија. Манчевски ќе гостува виртуелно на фестивалот и по проекцијата на филмот ќe учествува онлајн во дискусијата со публиката.

Јапонскиот фестивал „Историка“ е уникатен во светот поради тоа што во фокусот има филмови со историска тематика. Мотото на фестивалот е „Поврзување со иднината преку историски филмови“, a седиштетото е во филмските компании „Тоеи“ и „Шошику“, прославени по самурајските филмови. Фестивалот секоја година прикажува нови историски филмови од целиот свет, а, како што вели директорот Кен Такахаши, годинава избрал да го отвори со „величествениот филм ‘Врба’“.

Речиси две и пол години по светската премиера во октомври 2019 на Римскиот фестивал, „Врба“ продолжува со интензивен фестивалски живот. Досега освои тринаесет награди, меѓу кои и за најдобра режија на „Реинденс“ во Лондон, најдобар филм на „Синеквест“ во Калифорнија, „Сребрена палма“ во Валенсија…

Минатиот месец „Врба“ освои три награди и четири почесни признанија, а имаше и грчка и француска премиера на Маратонскиот филмски фестивал во Атина и на „Европа околу Европа“ (L’Europe Autour de l’Europe) во Париз. Филмот беше прогласен за најдобар филм на Маратонскиот филмски фестивал во Атина, a aктерката Наталија Теодосиева беше наградена за најдобра споредна женска улога.

Во Атина доби и уште четири почесни признанија – за Милчо Манчевски како најдобар режисер, за најдобра споредна улога на актерката Сара Климоска, за најдобар кинематографер Тамаш Добош и за најдобар филм во избор на публиката. Теодосиева беше добитничка и на наградата за најдобра главна женска улога во „Врба“ на фестивалот на независен филм „Околу глобусот“ (Across the Globe Film Festival) во Њујорк.

Продуцентската куќа „Банана филм“ информира и дека најновиот, седми филм на Манчевски „Кајмак“, кој се снимаше лани во Скопје и околината, е во постпродукција и се очекува годинава да има премиера.  Продукцијата го најавува „Кајмак“ како „безобразна комедија и безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината, црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот“.

„Кајмак“ е европска копродукција во која 54 проценти од буџетот го финансираат филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд „Еуримаж“, а 46 проценти се од нашата земја од Агенцијата за филм и Македонската радио телевизија која е копродуцент.

Во меѓународната екипа беа вклучени филмски работници од Северна Македонија, Англија, Италија, Данска, Холандија, Србија, Бугарија и Хрватска. Во главните улоги се Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ.