Врање ново жариште во Србија, повторно отворена Ковид-болницата


Во Врање, Србија, во последните три дена регистрирани се нови 53 случаи со КОвис-19, поради што повторно е активирана Ковид-болницата, која беше затворена кон крајот на април.

Кризниот штаб донесе одлука за задолжително носење маски и ракавици на јавни места, а граѓаните се обврзани да држат растојание.

Директорката на Здравствениот дом, Љиљана Антиќ, за РТС изјави дека новозаболените се претежно контакти на работници на две приватни компании.

Шест пациенти имаат потешка клиничка слика, а останатите имаат поблага клиничка слика или немаат никакви симптоми.

Зголемен е и бројот на тестирани, пред сè контакти на работниците од двете фабрики, едната за производство на мебел, а другата за обувки.

Фабриката за мебел престанала да работи кога биле откриени првите случаи.

Министерот за труд, Зоран Ѓорѓевиќ, кој присуствувал на вонредната седница,  рече дека кога ќе регистрираат повеќе случаи во некој град, мора веднаш да реагираат, за да не се дозволи ескалирање на ситуацијата, пренесе Бе92.

Според него, инспекторатот за труд треба да прави засилени инспекции во Врање, за да се контролира спроведување на мерките за заштита при работа, но и за да се осигура дека се внимава на работничките права.