Враќањето во Македонија ми беше седмо почнување од нула: Искрено со Васил Гарванлиев пред учеството на алтернативниот Евросонг


Лејла Сабит

Во животот продолжив посилен со желба, верба, молитва, вистина и труд -многу труд! Многуте научени лекции уште не сум ги спомнал никаде, ќе има време и место за нив.Најлесно е да се откажете од вашите битки, и потоа останатиот дел од времето да го потрошите прашувајќи се како ќе беше доколку не се откажевте. Не благодарам. Враќањето дома пред две години на 33 години ми беше седми пат почнување од нула. Оставив се поради тоа што верувам во себе и нашите корени, талент и музика,вели за  „Независен“ баритонот и поп-пејач Васил Гарванлиев пред денешното учество на алтернативниот Евросонг со „You“ .

Зошто е доволно една личност да ја допреш, и да верува во тебе за да успееш, зошто вистината може да боли, и како да стигнете до златната шанса, открива во продолжение на интервјуто.

Годинава, не ви се оствари сонот да не претставувате на Евросонг со „You“ во Ротердам, Холандија. Како утеха, песната ќе биде емитувана само во фрагменти а како учесници, ќе бидете претставени со видео- порака на новото, алтернативно шоу, Eurovision: Europe Shine a Light, кое ќе се емитува во живо, вечерва во 21 часот, што беше и претходно потврдениот термин за одржување на евровизиското финале.

-Да така е. На еден начин слатка провокација  на што би било ако би било хаха. Шега на страна, убав потег за да се прослават песните и да се испрати убава порака.

Што ќе му порачате на светот?

-Биди храбар и силен да ја живееш својата вистина. Да, може ќе боли, но кога доаѓаме од ранливо и искрено место никој, баш никој тоа не може да сопре. Тоа е најубавото нешто од последните два месеца за мене. Можноста да бидам сам со себе и си потврдам  дека целата визија и труд се исплатува.

Доволно е една личност да ја допреш, и да верува во тебе за да успееш. Многу сум благодарен за сите пораки, видеа, интервјуа додека сме во карантин.

Лани бевте придружен вокал на Тамара во Ерусалим, Израел. Кои се митовите а кои заблудите околу Евровизијата?

-Факт е дека трудот се исплаќа. Но во исто време без талент/вокал и песна ништо не бива.

Едно од најважните нешта е да знаеш како да го смириш тој бран на енергија што го даваат фановите и публиката и мирно да испееш.

Тоа ми се потврди набљудувајќи сѐ лани и затоа се спремав како спортист и војник од моментот кога ме покани МРТВ. Знам дека одговорноста е огромна, и дека ова не е натпревар за Васил туку МРТВ и цела Македонија.

За младите таленти: ако аспирирате еден ден да сте на таа сцена најдете начин да ја искусите пред да ја добиете златната шанса.

Фото: Б. Грданоски

Концертната сала „Ахој“ во Ротердам, во која во мај требаше да се Евросонг беше претворена во болница за лица заразени со коронавирусот во Холандија, а и шоуто има за цел да ги инспирира и поврзе луѓето низ Европа во овие изолирани и тешки времиња. Како вие ја доживеавте короната?

-Спомнав малце погоре за тоа но во еденa реченица … животот ми притисна „reset” и цело време сум на сервис хаха.

Прв пат после толку многу време имам толку време со самиот себе си и го користам тоа максимално. Во Скопје доаѓам скоро после два месеци, конечно излегов од дома во Струмица за да дојдам и снимам стисни плеј со Алекс за МРТВ.

Како ви поминуваат деновите во самоизолација?

-Почетокот готвев со мама и ги учев рецептите од детството, фокус на часови по танц, фитнес, јога на инстаграм и јутуб. Поминав доста време со внука ми. Голем дел снимајќи домашни видеа за блогови, портали  и емисии.

Најважниот дел- со сам себе си и пишувајќи многу музика. Ако се оди како што треба албумот ќе биде готов до крајот на летото. Со душа чекам таа приказна да започне.

Вие сте релативно млад, ама кај вас како среќата и несреќата да одат рака под рака. Остваривте успешна музичка кариера за кои многу сонуваат, ама имате и тешка животна приказна зад себе, депортација од САД, ја губите драгоцената музичка стипендија од Буш, за една година ќе ви починат и татко ви и баба ви, а имавте и период кога секој член од семејството живеел на различна страна од светот. Дали навистина човек по такви ситуации станува посилен и како успеавте да продолжите понатаму?

-Со желба, верба, молитва, вистина и труд -многу труд! Многуте научени лекции уште не сум ги спомнал никаде, ќе има време и место за нив.

Најлесно е да се откажете од вашите битки, и потоа останатиот дел од времето да го потрошите прашувајќи се како ќе беше доколку не се откажевте. Не благодарам.

Враќањето дома пред две години на 33 години ми беше 7ми пат почнување од нула. Оставив се поради тоа што верувам во себе и нашите корени, талент и музика.

Во кој правец сега ќе се движи вашата кариера? Опера, поп или нешто друго?

-Операта ја напуштив кога се вратив во Македонија и се фокусирам на модерна музика користејќи ги како инспирација нашата музика и традиционален мелос. Имам многу планови, албуми и проекти на ум, но чекор по чекор.

Дали останувате во Македонија?

-Да.

Велите, најинтересно од се е што никогаш не се преставивте во вистинското светло. Кој е всушност Васил Гарванлиев? 

-Јас сум една искрена, отворена, ранлива, љубопитна и насмеана душа која не се плаши од детето во себе, – бунтовник кој сака да ги искрши веќе научените правила и ќе направи и даде сѐ за тоа и тие што ги сакам.