Враќањето на работа на „поштедените“ е добра вест за стопанственците, но не и за хронично болните


ВМРО-ДПМНЕ не кажува дали треба да се слушнат и работниците

Мирче Јовановски

Никој во државата не знае колку точно вработени биле опфатени со владината уредба донесена уште во март, според која овие категории граѓани беа поштедени од одењето на работа, но не и од извршување на работните обврски таму каде што тоа беше можно, со работење од далечина

 

Одлуката на Владата за враќање на работа на лицата кои поради КОВИД–19 по разни основи седеа дома, ги израдува работодавците, но не и сите оние кои до сега можеа да ги користат овие бенефиции. Според владината одлука донесена на седницата во понеделникот, веќе од идната среда, на 23 септември, на работа ќе треба да се вратат оние кои користеа продолжено породилно отсуство, хронично болните и родителите чии деца се до шестгодишна возраст.

Стопанствениците со олеснување ја дочекаа веста, но хроничните болни побараа мерката да продолжи. Оние кои користат продолжено породилно отсуство, пак, најавија дека ќе протестираат, а на протестот ќе се вклучат и родителите кои користеа мерки за деца до 10 години. Тие се надевале дека мерката да останат дома ќе продолжи, заради скратеното време на децата во училиште.

Никој во државата не знае колку точно вработени биле опфатени со владината уредба донесена уште во март, според која овие категории граѓани беа поштедени од одењето на работа, но не и од извршување на работните обврски таму каде што тоа беше можно, со работење од далечина, односно онлајн.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов  изјави дека изминатите шест месеци, 47 вработени во даночниот сектор во Град Скопје ги користеле мерките на Владата за заштита од КОВИД-19 и не оделе на работа, што беше причина за многу граѓани  да не ги добијат добијат бараните документи или некоја друга услуга од даночното одделение. Шилегов исто така рече и дека откако беше воведена мерката на Владата родителите на деца до 10 години и хронично болните да бидат ослободени од одење на работа, веќе шест месеци преполовена е и администрацијата на Градот, но се покажало дека и без нив Градот може да функционира.

За разлика од администрацијата, каде што овој пример покажува дека има превработеност, во реалниот сектор сликата е сосема поинаква. Таму секој вработен е важен, а за работодавците исто така е важно што освен за мерката продолжено породилно отсуство кои паѓаа на товар на здравствениот фонд, за другите категории вработени кои можеа да седат дома, платите требаше да ги обезбедат фирмите.

„Немам информации како е кај другите фирми или во другите стопански дејности, но кај нас ако во редовни околности процентот на оние кои беа на боледување беше околу 6 до 7 отсто, во време на примена на владината Уредба тој достигна и до 15 отсто“, вели Ангел Димитров, претседател на одборот на директори во „Мода“ – Свети Николе и претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија. Од разговори со други стопанственици, Димитров вели дека и кај нив тој процент се движел околу оваа бројка.

Уште од донесувањето, Уредбата со која се овозможи овие категории вработени да седат дома, предизвика многу нејаснотии – како од висината на платата која треба да ја добиваат, користењето на финансиската поддршка од Владата, но и примери на злоупотреби од страна на поединци, кои, како што велат стопанствениците, наеднаш станале хронични астматичари или пак, носеле потврди за други заболувања.

Ова не само што е трошок за компаниите, туку, како што вели Димитров, ги демотивира и оние кои одат на работа, бидејќи оние кои седат дома не ризикуваат ништо, а земаат иста плата како другите што одат на работа. Оттаму, и не чуделе реакциите дека е поисплатливо да се дојде до лекарска потврда и да се седи дома, отколку да се оди на работа и да се ризикува.

Поддршката од државата во износ од 14.500 денари за вработен само делумно им помогна на компаниите да го намалат товарот, бидејќи според Уредбата оние кои седеа дома требаа да ја добиваат целосно платата врз основа на нивниот просек. Исто така, оваа поддршка се применуваше три месеци, додека мерките за заштита на вработените двојно повеќе. Непрецизностите во уредбата придонесоа и за различно толкување дали на оние кои седат дома треба да им се исплаќа целата плата, 70 отсто, или пак 50 отсто поради вонредните околности, што некои работодавци и го правеа.

Надлежните институции не најдоа ефикасни инструменти да се спречат злоупотребите со лекарските потврди, кои одеа на штета не само на работодавачите, туку и на оние кои навистина имаа потреба да бидат дома поради ризикот по нивното здравје.

Сега, само оние лица кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист ќе може да користат боледување и во наредниот период, согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување.

Од Министерството за здравство соопштија дека хронично болните кои до 23 септември треба да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа, доколку не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран. За таа цел, пуштени се дополнителни термини во „Мој термин“ и е-амбуланта.

„Со ова ќе се овозможи секој кој навистина треба да биде ослободен од работа и за да се избегне злоупотреба на системот, лекарот специјалист врз основа на својата експертиза и состојбата на пациентот ќе процени дали тој може да се врати или ќе добие потврда дека е ослободен од работа“, соопштија од Министерството за здравство.

Од таму нагласија дека е направена измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување со која се овозможува лекарот специјалист да даде потврда за отсуство од работа во времетраење од шест месеци.

„Согласно истата одлука, ослободени од работа ќе бидат и бремени жени до крајот на годината, односно до 31 декември“, велат од Министерството.

Ваквото соопштение следуваше по реакцијата на хронично болните кои преку петиција се пожалија дека рокот да обезбедат потврда од специјалист им е краток и побараа овие потврди да се регулираат преку матичен лекар.

„Бараме да ги разгледате пак сите моменти и да ни излезете во пресрет, со тоа што ќе ни се продолжи физичкото отсуство од работа на хронично болните лица со потврдите од матичен лекар, се додека трае пандемијата со коронавирусот, притоа тргнувајќи од почитување на основното право пропишано и во Уставот – правото на живот“, се нагласува во петицијата.

Хронично болните кои немаат компликации требаше на работа да се вратат вчера, но поради проблемот со добивање потврда рокот беше одложен за уште девет дена. Некои од нив вчера се пожалија дека биле повикани на работа и дека доколку не добијат потврда од специјалист, деветте дена ќе се сметаат како искористени денови од годишните одмори, или дури можат да добијат отказ поради неоправдано отсуство од работа.

На работа се враќаат и родителите чии деца се до шестгодишна возраст, имајќи предвид дека детските градинки отпочнаа со активности за згрижување и воспитание на деца. Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да испрати писмено укажување до сите детски градинки да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа.

Од среда, 23 септември, на работа треба да се вратат и лицата кои користеле продолжено породилно отсуство. Можноста за користење на оваа мерка за продолжено породилно отсуство престанува да важи, соопшти вчера Владата. Другите вработени лица кои во моментот користат редовно породилно отсуство ќе треба да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи веднаш по истекот на породилното отсуство, гласи одлуката.

За бизнисот мерките на Владата се очекувани, бидејќи е очигледно дека со вирусот ќе треба да се живее, како што впрочем укажуваат и од Светската здарвствена организација. А, тоа, како што додаваат, значи и дека треба да работиме и сите да го поднесеме товарот, бидејќи ако застане економијата, ќе нема пари ниту за оние кои поради пандемијата навистина треба да седат дома.