Враќање во детството: 200 илустрации на книги од Димитар Кондовски на изложба во Мала станица

Илустрациите на книгите како „Зоки Поки“, „Колибата на чичо Том“, „Белото циганче“, се дел од 200-те илустрации од големиот ликовен уметник Димитар Кондовски (1927-1993), еден од доајените на македонското сликарство, кои ќе бидат изложени в среда во Мала станица, на отворањето на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца Литера.

Со својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Кондовски е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство.

Софија Семенпеева, директорка на агенцијата „Ефектива“ и организатор на фестивалот и уметникот Урош Вељковиќ кои ја подготвуваат поставката, велат дека опусот на илустрации на Кондовски е навистина огромен и со оглед на тоа што се работи за прва ретроспективна изложба на овој голем уметник, нивна цел е да се изложат што е можно повеќе дела.

„Се разбира, навистина е тешко да се стокми во една изложбена галерија нешто што е создавано со децении, особено имајќи предвид дека Кондовски е еден од најплодните домашни илустратори. Благодарение на неговото семејство, имавме навистина голем избор дела, од кои избравме околу 200 кои ќе бидат изложени до 1 ноември“, вели Семенпеева.

Софија Семенпеева и Урош Вељковиќ деновиве ја подготвуваат изложбата во Мала станица. (Фото: Фестивал Литера)

Илустрациите потекнуваат од различни периоди и од различни фази од творештвото на Кондовски, па така посетителите ќе имаат можност да прошетаат“ низ она што го тој го создавал во текот на неколку децении, почнувајќи 1950-те па сѐ до 1980-те години на минатиот век.

Вељковиќ вели дека селекцијата на делата било возбудливо инспиративно доживување за тимот на Литера. „Се чувствувавме како да имаме времеплов и да патуваме низ времето. Всушност, токму тоа е најголемата вредност на оваа изложба. Различни генерации луѓе ќе можат да се навратат во минатото и да уживаат во илустрациите со кои растеле“, велат тие.

 

За време на фестивалот, кој ќе се одржува на повеќе локации до 19 октомври, ќе има работилници на кои деца на различна возраст ќе имаат можност да се едуцираат и да ги запознаат и истражуваат делата на Кондовски. Тие ќе креираат и свои приказни, инспирирајќи се од делата на великанот на македонската илустрација.