Врачена наградата „Роман на годината“ на Владимир Јанковски (фото)


Од ланското доделување на наградата на Владимир Јанковски/ Фото: Б. Грданоски

Живееме во време во кое сè повеќе зборуваме за да се слушнеме себе си, а не другите, и сè повеќе слушаме за да го чуеме тоа што сакаме да со слушнеме, наместо она што ни се соопштува, рече, меѓу другото, добитникот на „Роман на годината“, писателот, есеист и преведувач Владимир Јанковски, на синоќешното свечено врачување на оваа престижна награда.    

Во центарот на вниманието на Јанковски се приказните Тој вели дека приказните на другите луѓе, од различните точки на светот, ни се потребни за во нив да ги видиме нијансите и деталите, наспроти разурнувачката моќ на унификацијата.

Тој посочи дека за да преживеат, луѓето имаат совршен вроден инстинкт за приказни, за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. Притоа, тој го цитираше Горан Стефановски: „За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет“, додавајќи дека приказните се насекаде околу нас.

Годинашнава награда „Роман на годината“, Јанковски ја доби за романот „Скриени желби, немирни патувања“, во издание на „Антолог“. Оваа награда ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Како што беше посочено во образложението на наградата, романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Јанковски, е впечатливо дело, оригинална иновација во македонската литература. Со исклучително интересна колажна структура, базирана на животна уверливост и многуслојност, оваа проза пулсира со ново преосмислување на човечките односи, перципирајќи го светот како единствена мрежа од концепти и судбини, што се развиваат во перспективи и во меѓусебна корелација.

Во годинашново оценување на пристигнатите 41 романи на конкурсот за „Роман на годината“ учествуваа писателката Оливера Николова – претседателка на жирито и минатогодишна добитничка на наградата, поетот и професор Зоран Анчевски, писателката и професорка Калина Малеска, писателот Живко Гроздановски и новинарката Катерина Богоева како претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“. Во завршниот круг влегоа уште четири романи, на писателите Петар Андоновски, Жарко Кујунџиски, Владимир Илиевски и Билјана С. Црвенковска. Оваа година наградата беше доделена по 22. пат. Освен признанието, лауреатот добива и парична награда во износ од 150.000 денари, како и плакета и статуетка, чиј автор е вајарот Сашо Саздовски.

Јанковски инаку е добитник и на „Рациновото признание“, а двапати беше македонски кандидат за наградата „Балканика“.

Наградата „Роман на годината“, традиционално се врачува во средината на март, но поради состојбата со пандемијата со корона вирусот, Фондацијата „Славко Јаневски“ го одложи доделувањето.  (Фото: Б. Грданоски)