Вработените во „Охридско лето“ бараат итна исплата на августовската плата


Платите не се исплатени поради забелешки од Министерството за култура и туризам за наводни неправилности во доставеното барање за платите, за кои Синдикатот смета дека се паушални и непоткрепени со што се прави огромна штета на вработените во Нацоналната установа (НУ) „Охридско лето“.

 

„Посочената одредба јасно упатува на заклучок дека раководното лице на установата ‘Охридско лето’ е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон и Министерството за култура и туризам и Министерството за финансии имаат обврска да го одобрат доставеното барање. Доколку Министерството за култура и туризам и Министерството за финансии сметаат дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати за месец август 2024 година е незаконито или содржи невистинити податоци, истите имаат можност да отпочнат постапка за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, против раководното лице на установата“, се наведува во соопштението од Синдикатот на културата.

Истовремено се повикува министерот за култура и туризам Зоран Љутков да застане против тендециозните влијанија на одредени вработени од Министерството за култура и туризам, за кои од Синдикатот посочуваат дека секогаш кога се работи за права од работен однос, а поврзани со финансиски додатоци како прекувремени саати, работа во недела и празник и слично, наоѓаат начини истите да не им бидат исплатени на вработените во институциите од културата.

Поради тоа, Сидикатот бара уште денеска да биде исплатена платата на вработените во НУ „Охридско лето“, а во спротивно ќе бидат покренати сите можни правни механизми за остварување на правото на плата на вработените во оваа установа. (МИА)